Жаклина Блажевска, која 24 години е вработена во Клиничката централна перална, вели дека веќе 11 месеци не земала плата и дека состојбата станува неподнослива. Таа посочува дека Клиничкиот центар алиштата ги пере на друго место, а вработените во пералната останале без работа и без примања. Како што раскажува, тие повеќепати побарале одговори од раководството и од Министерството за здравство, но добивале само уверувања дека се чека „еден потпис“. И покрај тоа, решението со месеци не доаѓа, а работниците живеат во неизвесност и надеж дека ќе им се реши статусот.

Слична е состојбата и кај Осман Џафери, кој веќе 30 години работи во пералната на Клиничкиот центар. Тој потсетува дека за време на ковид-пандемијата вработените непрекинато работеле и ги переле алиштата за сите клиники, без оглед на ризиците и притисокот. Вели дека и тогаш, и сега, работеле исклучиво за пациентите и нивната безбедност. Денес, пак, се соочуваат со тешка егзистенцијална состојба, без плата и без јасна перспектива. Според Џафери, неколку негови колешки веќе дале отказ поради неможност да издржат без приходи, а самиот тој завршил и пред инфаркт од стресот и неизвесноста.

Дел од вработените бараат пералната повторно да се стави во функција и институциите конечно да го решат нивниот работен статус. Тие апелираат да им се овозможи да ја продолжат работата која со децении ја извршувале, или, доколку тоа не е можно, да им се најде соодветно работно место, со што ќе се стави крај на, како што велат, тортурата и долгомесечната неизвесност. објави Скопје1.мк