Наместо на наплатувачот, провизијата за плаќање со банкарска картичка паѓа на купувачот – неколкуте вакви случаи ги загрижија економистите кои предупредуваат дека се стимулира сивата економија. Народна банка децидна – граѓанинот не треба да сноси дополнителен трошок. Банките уверуваат дека ги почитуваат сите законски регулативи…
За услуга од 240 денари платена со банкарска картичка, провизија од 5 денари, која паѓа на товар на купувачот, а не на наплатувачот. Со ваков случај се соочивме ние, но и даночниот експерт Павле Гацов, кој имал слично искуство кога платил услуга во јавното здравство. Смета дека се потребни итни мерки зашто има можност да се поттикне плаќањето во готово, кое е гориво на сивата економија.
Од Народна Банка децидни – наплатата на банкарската провизија при плаќање со картичка не треба да паѓа на грбот на купувачот. Оттаму потсетуваат дека граѓаните имаат опција да го одбијат плаќањето и да поднесат приговор до банката. Од институцијата за МТВ тврдат оти веќе презеле одредени чекори во насока на поттикнување на намалување на провизиите на безготовинските плаќања, при што банките ја прифатиле стратегијата за поттикнување на овие плаќања.
Плаќањата со картички се регулирани од меѓународните даватели на лиценци, но и со домашната регулатива, велат од Македонската банкарска асоцијација кои потврдуваат дека сепак на терен има поединечни постапувања. Правилото е дека цената на производот или услугата мора да остане иста без разлика дали се плаќа во готово или со картичка, исклучок е само на местата каде не е возможно плаќање во готово.
И банкарскиот сектор и даночните експерти се согласни-плаќањата со картички придонесуваат за намалување на сивата економија и за подобрување на ефикасноста на платниот систем.20