Повеќе од 526 илјади граѓани требаше да добијат поврат на платениот данок на додадена вредност за последниот квартал од 2025 година. Парите од мерката „МојДДВ“требаше да бидат исплатени до крајот на минатиот месец. Дел од граѓаните ги добија парите, но дел останаа без пари. Од Управата за јавни приходи велат дека налозите се дадени, а од Министерството за финансии за „Слободен печат“ велат дека сите налози кои стигнале до нив се исплатени. Но дел од граѓаните останаа без пари на сметка.

-Налозите коишто се доставуваат до Трезорот во Минитертвото за финансии редовно се исплаќаат зависно од динамиката на достава од страна на буџетските корисници. Конкретно за налозите за кои што прашувате исплатени се сите пристигнати налози коишто се однесуваат на исплата на поврат на „МојДДВ“ за четвртиот квартал од 2025 година и се во вкупен износ од 919,2 милиони денари- велат од Министерството за финансии.

Според Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица кој е донесен во 2019 година повратот се пресметува и исплаќа квартално, а практиката е дека уплатите се реализираат во рок од 60 дена од крајот на тримесечјето.

Значи последната уплата требаше да биде на 27 февруари. Ова е второ доцнење на уплатата за средства за граѓаните откако е воведено враќањето на дел од платеното ДДВ кај граѓаните.

Граѓаните преку апликацијата добиваат 15 проценти од пресметаниот ДДВ од фискалните сметки што ги скенираат, при што максималниот поврат изнесува 2.100 денари по лице за квартал, односно до 8.400 денари годишно. Официјалните податоци велат дека само во 2025 година на граѓаните им биле исплатени околу 3,47 милијарди денари, односно над 56 милиони евра, по основ на поврат на ДДВ преку „МојДДВ“.

Гледано по квартали, исплатите се движеле од 784 до 921 милион денари по тримесечје, со повеќе од 490 до 515 илјади корисници во секој период.

Од УЈП за минатото доцнење на уплатата вината ја најдоа кај корисниците кои скенирале фискални сметки. Велеа дека немаат добиено средства поради погрешно внесени или неажурирани податоци за трансакциската сметка, поради што апелираа податоците во апликацијата да се проверат и ажурираат.

Мерката „МојДДВ“ беше воведена со цел намалување на сивата економија и стимулирање на граѓаните да бараат фискални сметки, а воедно овозможува дел од платениот данок директно да се врати во домашните буџети. Повратот на дел од данокот на додадена вредност за граѓаните во земјава е воведен на 1 јули 2019 година, како дел од мерката „МојДДВ“.

Неодамна директорката на УЈП Елена Петрова рече дека мерката не ги дала посакуваните ефекти.

„Не можам да кажам дека постои некаква таква одлука или намера за донесување на таква одлука. Меѓутоа, кога се работи за таква мерка за која се трошат јавни средства, секако дека треба да се погледне и да се разговара за ефикасноста на мерката и дали мерката ги дава целите заради коишто била воспоставена. Преку оваа мерка, на квартално ниво за 2025 година, се издвојуваат околу 14,5 милиони евра за, во просек, околу 502.000 корисници. И овој износ секоја година се зголемува во однос на претходните години. Се зголемува и бројот на корисници, но заради тоа што се зголемува и наплатата на приходот, во просек можеме да кажеме дека за оваа мерка се издвојуваат околу 4 проценти од годишната наплата на ДДВ приход или тоа е еквивалентно на приближно половина месечен ДДВ приход“, рече Петрова.

Таа кажа дека мерката, која беше воведена во 2019 година, требало да доведе до намалување на сивата економија и секој граѓанин треба да го постави во улогата на даночен инспектор.

„Ако од тој аспект сакаме да ја процениме мерката, состојбите коишто ги гледаме на терен и состојбите коишто можеме да ги забележиме и внатре, врз основа на сите податоци со коишто располагаме, јасно водат до заклучок дека мерката не го дала посакуваниот ефект“, додаде Петрова.

Од воведувањето на мерката во 2019 година до денес, преку системот „МојДДВ“ на граѓаните им се вратени десетици милијарди денари, а апликацијата ја користат над половина милион активни корисници.