„Неприфатливо е работник што работи со полно работно време да не може да ги плати своите сметки поради тоа што платата му е под прагот на сиромаштија. Владата и општеството мора да преземат активност“, вели Триангл

ФОТО: МИА

Време е да престанеме да зборуваме само за минимална плата, туку за плата која овозможува достоинствен живот, порача денеска генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC), Лук Триангл, по средбата со раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Триангл упати критики за социјалната состојба во земјата и посочи дека е неприфатливо една третина од работниците во Македонија да заработуваат под линијата на сиромаштија.

„Неприфатливо е работник што работи со полно работно време да не може да ги плати своите сметки поради тоа што платата му е под прагот на сиромаштија. Владата и општеството мора да преземат активност“,

истакна Триангл на прес-конференцијата со претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, и извршниот секретар на Паневропски регионален комитет, Антон Лепики.

Според меѓународните претставници, во Македонија е забележано уназадување во вистинскиот, суштинскиот социјален дијалог во земјата и препораките на меѓународната организација на трудот од 2023 година не се доволно спроведени.

Тој вели дека иако законската рамка е добра, реализацијата во практика е проблематична, за што е потребен силен судски систем кој ќе ги принуди работодавачите и Владата да ги почитуваат законите.

„Кога зборуваме за демократија се поставува прашањето што е она што една демократија што ја прави вистинска демократија. Имаме загриженост во однос на ситуацијата во Северна Македонија“,

посочи Триангл.

Тој појасни дека според истражување кое го прават, во државава има сериозни прекршувања на работничките и синдикалните права и дека тоа се случува континуирано.