Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците.
Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз. – вели пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
– Кратат од субвенции за земјоделците, лозарите, оризопроизводителите, пчеларите, сточарите – за владата да се луксузира со манго и папаја!
Во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци – за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака – власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, добиваат игнорирање. Наместо интервенција, добиваат кратење. Владата, која ветуваше “грижа за селото”, денес го гази токму тој најважен столб на економијата.
Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство.
Предлагаме:
Враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите;
Зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024;
Интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед;
Поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица;
Мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети;
Враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне;
Итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Почитувани,
СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратеше од земјоделците – напротив, интервениравме со дополнителни субвенции, закони и програми. Денес, кога земјоделците повторно се во криза, единствениот одговор на ВМРО-ДПМНЕ е кратење и игнорирање.
Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика!
СДСМ е на страна на земјоделците и бара поддршка од сите пратеници за овие амандмани! – вели Николовски.