СДСМ обвинува дека корупцијата на функционери блиски до ВМРО-ДПМНЕ ја доведува во прашање целата ИПАРД-3 програма, а илјадници земјоделци се соочуваат со ризик да ги изгубат инвестициите

Коруптивните шеми во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го загрозуваат пристапот на Северна Македонија до европските средства од ИПАРД-3 програмата, вредна 128 милиони евра, предупреди денеска Љупчо Николовски од СДСМ.

„Големиот скандал со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, го докажува она на што постојано укажувавме, вистинската слика за ова владеење: држава заробена од партиски и лични интереси, корупција и неспособни кадри.
Овој скандал, според информациите коишто ги имаме, веќе има најава и можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија“, вели Николовски.

„Во ризик се ставени 128 милиони евра од целата 7 годишна програма“, додава тој.

Според информациите со кои располага партијата, Европската комисија веќе размислува за стопирање на финансирањето преку ИПАРД-3, што би значело целосно блокирање на нови повици, договори и исплати за тековно одобрени проекти. Ова директно го загрозува работењето на илјадници земјоделци и агробизнисмени кои ги имаат планирано или веќе реализираат инвестиции засновани на овие средства.

„Губењето на правото на располагање со европските средства, кои се главен извор за модернизација на македонското земјоделство, за набавка на механизација, за опрема во преработувачките капацитети и изградба на нови, за поддршка на бизнисите во руралните средини, ќе го закочи целиот развој и ќе ја намалат конкурентноста на домашниот и европскиот пазар“, предупреди Николовски.

Тој потсети дека ИПАРД-2 програмата беше успешно реализирана со целосна искористеност на средствата и 2.369 реализирани проекти, што ја направи Северна Македонија лидер во регионот. „А што имаме денес? Системот што го создадовме е уништен за само една и пол година власт на ВМРО-ДПМНЕ. Од први станавме последни, и со ризик, поради овој корупциски скандал, да бидат стопирани 128 милиони евра за земјоделците“, додаде тој.

СДСМ веќе подолго време алармира за сомнежи за злоупотреби во ИПАРД-3, а последната полициска акција, според Николовски, е само кулминација на состојбата која била видлива уште од поодамна.

„последиците од овој скандал се огромни и одговорност мора да има. Како земја кандидат за членство во Европската унија, која нема друга алтернатива, Македонија е должна да демонстрира транспарентност, одговорност и функционални институции“, истакна тој.

Николовски порача дека секое нарушување на довербата на европските партнери ја загрозува евроинтеграцијата и води кон построг надзор, губење на финансиска поддршка и успорување на целиот процес на приближување кон ЕУ.

Инаку, вчера Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција предложи притвор за петмина осомничени за поткуп, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Илија Стоилев. Тој е осомничен дека примил ветување за мито од 50.000 евра, а потоа потпишал договор за исплата на ИПАРД средства за фирма што не ги исполнувала условите. Притоа, биле пронајдени и 400 евра како дел од договорената сума. Во случајот се вмешани и даночен инспектор и вработен во Министерството за земјоделство, кои се сомничат дека вршеле противзаконито влијание врз Стоилев за да донесе незаконита одлука.