Енергетските компании ќе мора да читаат броила најдоцна на секои три месеци, а секој нов инвеститор во обновливи извори ќе мора да има и батерии за складирање. Ова се дел од новините во предлог-законот за енергетика, за кој на денешната седница на матичната собраниска комисија беа прифатени 61 од 71 поднесен амандман.
Пратениците од Левица побараа забрана за странски инвестиции во клучните енергетски дејности. Велат, државата мора да се потпира на сопствени капацитети, а не само на слободниот пазар.
Министерката Сања Божиновска не го прифати овој амандман, но уверува дека законот спречува приватизација на НОМА Гас и МЕПСО, а за проектот Чебрен ќе се настојува да остане под државна контрола.
Не беше прифатен ни предлогот за целосна забрана на паушално читање броила, но законот ќе предвиди читање најдоцна на секои три месеци, додека со новите паметни броила ќе се овозможи далечинско мерење. Новина во законот е и условот секој нов инвеститор во обновливи извори да има и минимум 20% капацитет за складирање преку батерии. Пратеникот Димитар Ковачевски, кој беше ко-поднесител на поголем број амандмани, побара дополнително појаснување за обврската за батериите.
Законот предвидува и забрана за исклучување на струја за ранливите категории, либерализација на пазарот и објавување на цени, но опозицијата предупредува, потребна е поголема заштита за да се зачува енергетската сигурност. По комисиската расправа, новиот закон за енергетика, кој се усвојува по скратена постапка, треба да го усвојат пратениците на пленарна седница на Собранието.