Ќе ги слушнеме сите засегнати од Предлог Законот за заштита од пушење, меѓу кои и бизнис заедницата, но нема да донесеме хибриден Закон кој би бил нефункционален, вели министерот за здравство Азир Алиу. Тој тврди дека Предлог Законот, кој веќе е на јавна расправа бидејќи е поставен на ЕНЕР, не е рестриктивен, туку е во целост според стандардите на Европската унија и дека за разлика од претходниот, кој беше донесен пред повеќе од деценија, сега ќе се применува на цела територија на државава.
„Јас како инженер знаете дека никогаш не креирам процеси кои што ауткамот или резултатот не се знае од почеток“, вели Азир Алиу.
Ако биде донесен во оваа форма како што е предложен ќе се забрани пушење во, но и околу јавни институции, односно се што е во сопственост на државата. Нема да смее да се пуши ниту во ниту еден угостителски објект, или на спортски терени, како затворени, така и отворени, а нема да смее да има ниту било каква реклама не само на традиционални медиуми, туку и во интернет просторот.

Забраната важи и за јавните личности и инфлуенсерите, кои не смеат на никаков начин јавно да промовираат пушење и производи и опрема за пушење.
Инаку, пушење ќе биде дозволено само на отворени тераси и простори кои се оградени само од една страна, а отворени од три.

Од Министерството за здравство велат дека ќе се видат и со бизнис заедницата и ќе ги слушнат нивните барања, но нема да носат неприменлив Закон.
„Како министер за здравство нема да дозволам надвор од тие европски политики да креираме некој хибриден Закон, бидејќи тек тогаш, од првиот ден, Законот нема да биде функционален.“, вели Азир Алиу.
Причините зошто се носи ваков ригорозен Закон, според директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, минатогодишното истражување освен што открило дека 45 отсто од возрасната популација во државава пуши, бројките се страшни и кај малолетниците.
„Цигарите се користат кај момчињата 37,4, оние обичните, а 40,3 се користат електронските цигари. Тоа е еден висок процент. Зборуваме за деца на 15 – 16 годишна возраст, па и помали. Тоа не охрабрува да работиме во оваа насока за справување со оваа и те како штетна последица.“, порача Д-р Марија Андоновска.
Овие бројки се добиени со истражување во сите средни училишта во Македонија.
Инаку, за непочитување на Законот кој би требало да стапи на сила од март годинава, предвидени се големи казни, меѓу кои е тримесечно затворање на објектот каде што се пушело. Мерката се спроведува веднаш, без да се чека одлука по жалба. А ако се фати граѓанин како пиши, ќе биде казнет со 100 евра на самото место, а ако не плати веднаш, судот може да го казни до 300 евра.

Инаку, во Оценката зошто се носи Законот меѓу другото стои за да се зголеми наталитетот.

Истотака употребата на тутун ја намалува плодноста и наталитетот, дополнително влошувајќи ги демографските предизвици како стареење и намалување на населението. Намалувањето на консумацијата на тутун поддржува поголема наталитетна стапка и поздраво население.