На Официјалниот пазар на Македонска берза, во подсегментот Берзанска котација, од 30 јануари 2026 година ќе започне тргување со две нови емисии државни обврзници, издадени од Република Северна Македонија, согласно барањето доставено од Министерството за финансии.
Станува збор за државни обврзници без девизна клаузула, со различен рок на достасување и каматна стапка, наменети за инвеститори кои бараат сигурен инструмент со фиксни приноси.
Првата емисија има вкупна вредност од 940,45 милиони денари, со 94.045 издадени обврзници и номинална вредност од 10.000 денари по обврзница. Обврзниците се издадени на 22 јануари 2026 година, со датум на достасување 22 јануари 2031 година, а годишната каматна стапка изнесува 4,35%. Тие ќе се тргуваат под шифрата М220131, со ИСИН MKMINF20GCT6.
Втората емисија е со подолг рок и повисок принос, со вкупна вредност од 3,23 милијарди денари и 323.315 издадени обврзници, исто така со номинална вредност од 10.000 денари. Датумот на издавање е 22 јануари 2026 година, а достасувањето е предвидено за 22 јануари 2041 година. Каматната стапка за оваа емисија изнесува 5,10%, шифрата на тргување е М220141, а ИСИН кодот MKMINF20GCU4.
Со котацијата на овие државни обврзници, се проширува понудата на нискоризични хартии од вредност на домашниот пазар на капитал, а инвеститорите добиваат дополнителни можности за долгорочно и среднорочно вложување во државни инструменти.