Сè уште има многу граѓани кои сакаат да инвестираат исклучиво во станови, но постепено ги диверзифицираат своите инвестиции. Освен во станови, сè повеќе пари се насочуваат кон инвестициските фондови, берза, депозити, па дури и злато и криптовалути – особено кај младите инвеститори.
Дел од вложувањата на македонските граѓани сè уште завршуваат во купување станови, но во последните години се забележува тренд на диверзификација во инвестирањето – сè повеќе луѓе вложуваат во инвестициски фондови, хартии од вредност на Македонската берза и депозити. Има и нагорен тренд на инвестиции во злато и криптовалути, особено кај младите инвеститори, иако за овие области нема прецизни податоци.
Сè уште има граѓани кои сакаат да инвестираат исклучиво во станови, како што истакнува Горан Марковски – брокер и извршен директор на КБ Публикум инвест, но тој посочува дека се зголемува бројот на луѓе кои сфаќаат дека недвижностите не се продаваат толку лесно и дека за разлика од нив, поликвидните форми на вложување овозможуваат брзо повлекување на парите, дури и во рок од еден ден.
„Има зголемување во сите области и категории на вложување поврзани со хартии од вредност. Позитивни се трендовите и минатата и оваа година – расте интересот за вложување, барем за инвестициски фондови. Лани беше 60 отсто растот, што е доста значаен, а исто така имаше и зголемување на обем на тргување и на Македонската берза“, вели Марковски за Радио Слободна Европа.
Податоците на Македонската берза покажува дека вкупната вредност на сите акции и хартии од вредност во првата половина на 2025 година изнесувала околу 6,11 милијарди долари, што е зголемен интерес на граѓаните за вложување, а расте и интересот за инвестиции во хартии од вредност во последно време.
Инвестициските фондови со силен раст
Август оваа година бил поволен и за отворените инвестициски фондови: нивната вредност пораснала на вкупно 434 милиони евра, според Комисијата за хартии од вредност.
Тоа зачи дека имало за 4,3 отсто повеќе инвестиции од граѓаните и компаниите споредено со јули, покажуваат податоците на Комисијата.
Инвестициски фонд е заеднички фонд на пари собрани од поголем број на инвеститори (граѓани и компании), со кои управуваат професионални лица.
Тие ги вложуваат парите во различни финансиски инструменти – акции, обврзници, хартии од вредност или други средства и со тоа нивните вложувања не се насочени само во еден инструмент или компанија.
Инвестициските фондови на македоснкиот пазар постојат околу 16 години и се управувани од лиценцирани друштва, кои имаат обврска транспарентно да ги информираат инвеститорите за резултатите и движењата на пазарот.
„Кај инвестициските фондови има раст од 20 проценти во споредба со завршната состојба од лани. Кај берзата, повеќе или помалку има стагнација – индексот е поместен 3-4 отсто, што е нормално и очекувано со оглед на тоа каде пораснаа акциите минатата година. Лани индексот МБИ10 порасна 66 отсто и затоа потенцијалот за раст оваа година е исцрпен“, вели Марковски.
Во август приливите во инвестициските фондови изнесувале 29,5 милиони евра, што е за 12,9 отсто повеќе од претходниот месец, додека одливите паднале на 15,1 милион евра, за 10,5 отсто, според извештајот на Комисијата за хартии од вредност.
Растат и заштедите во банките
Според податоците на Народната банка, вкупните депозити во Северна Македонија во банките изнесувале околу 9,7 милијарди евра, од кои околу 6,8 милијарди се депозити на граѓаните.
Во август, депозитите на домаќинствата се зголемиле за 0,4 проценти во однос на јули, пред сè поради порастот на краткорочните депозити во странска валута, долгорочните депозити во денари и депозитните пари.
Годишниот раст на депозитите изнесува 12,4 отосто, што главно се должи на зголемувањето на долгорочните депозити и депозитните пари, додека краткорочните депозити дале помал, но позитивен придонес.
Марковски вели дека граѓаните во депозитите чувствуваат сигурност, но во последно врееме бараат алтернативи за инвестирање поради намалувањата на каматните стапки:
„Тоа позитивно влијае на расположението и потребата да се бараат алтернативи“, вели Марковски.
Недвижностите секогаш атрактивни
Но, впечатокот и натаму е дека многу граѓани во земјава инвестираат во станови, особено во Скопје, каде што се градат многу згради, а растот на цените е најбрз, иако според експертите, и областа на недвижности е нетранспарентна.
Со оглед дека многу луѓе инвестираат во станови заради бизнис, гувернерот на народната банка Трајко Славсеки неодамна најави мерка.
„Нашата цел е да направиме разлика меѓу кредитите за граѓаните кои првпат купуваат стан за живеење и оние кои сакаат да инвестираат – било преку купување стан за издавање или едноставно за чување на своите средства,“ изјави гувернерот Славески.
Според професорот на Архитектонски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Огнен Марина, вложувањето во недвижнини и натаму е атрактивно бидејќи како што вели, кога ќе се споредат каматата во денарските или девизните влогови во било која од банките, е неспоредлива со порастот на цените на становите, дури и на полугодишно ниво“, вели тој.
„Цените на становите во првата половина од оваа година пораснале за 20 проценти“, вели Марина.
Од април до јуни, граѓаните потрошиле над 265 милиони евра за купување и изнајмување недвижности, покажуваат податоците од Катастарскиот регистар.
Најмногу станови се продадени во општините Аеродром и Гази Баба, а наскоро на пазарот ќе се појават повеќе од 25.000 нови станови.
Според економскиот аналитичар Арбен Халили, вкупниот впечаток е дека низ целата земја се гради, при што најголем дел од проектите се насочени кон изградба на станови.
Статистичките податоци го потврдуваат ова, вели тој: во 2024 година бројот на издадени дозволи за градење станови се зголемил за 6,4 отсто во однос на 2023 година, а во регионите како Полог и Пелагонија зголемувањето било особено значајно.
„Цените на станбените недвижности во почетокот на 2025 година пораснале за околу 19,43 проценти на годишно ниво, а аутпутот на градежните работи забележал раст од 15 отсто во јуни 2025 споредбено со истиот месец лани“, вели Халили.
„Сепак, растот во градежништвото не значи дека сите инвестиции се насочени само кон станови — дел од нив се однесуваат на инфраструктура, јавни објекти, патишта и други градежни проекти“, додава Халили.
Златото како сигурна инвестиција
Иако официјални бројки за вложувањата во злато и криптовалути сè уште нема, експертите проценуваат дека интересот расте, особено меѓу младите инвеститори.
Халили вели дека заради политичките случувања и економските турбуленции и нестабилности во светот, луѓето барат решенија за заштита од финансиска гледна точка.
„Несомнено е дека, посебно во време на кризи, единствена сигурна инвестиција да кажеме, е инвестирањето во злато, чија цена последните години расте енормно“, вели Халили.
Податоците на НБРМ покажуваат дека има 6.89 тони злато во резервите на Северна Македонија, со вредност од околу 634 милиони долари, според податоците од февруари 2025.
Ова се податоци за државниот резервен имот, вели Халили, и не го покажуваат обемот на приватни инвестиции во физичко злато или златни фондови.
Околу 30.000 граѓани на Северна Македонија, што е приближно 1,5 проценти од населението, поседуваат криптовалути. Сепак, точните суми што ги вложиле и распределбата по валути не се познати, бидејќи пазарот на криптовалути во земјата сè уште функционира во сива зона — без целосна законска регулатива и јасни официјални извештаи.