Американскиот економист и инвеститор Нуриел Рубини денес предупреди дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ја ескалира војната во Иран, што, според него, би можело да предизвика сценарио слично на стагфлацијата од 1970-тите.
Во разговор за CNBC на маргините на Форумот Амброзети во италијанскиот град Чернобио, Рубини, познат по прецизното предвидување на глобалната финансиска криза во 2008 година, рече дека Трамп веројатно нема да бара „излез од војната“ бидејќи тоа би го загрозило неговиот политички кредибилитет.
„Моето мислење е дека тој ќе одлучи да ескалира. Ќе планира да го окупира островот Харг, да продолжи со бомбардирањето, заедно со Израел, насочени кон иранското раководство и воените структури“, рече американскиот инвеститор.
Рубини истакна две можни сценарија: идеално, ескалацијата би можела да доведе до пократка војна и евентуален колапс на режимот во Иран, што, според него, би било подобро за геополитичката стабилност и пазарите на долг рок.
Сепак, тој предупреди дека ако ескалацијата не успее и блокадата на Ормутскиот теснец или нападите врз енергетските капацитети во Заливот продолжат, светот би можел да заврши во стагфлација слична на онаа од 1970-тите.
Коментирајќи го фактот дека пазарите се оптимисти за потенцијално решавање на конфликтот во последните денови, тој рече дека, со оглед на падот на неговиот рејтинг, се верува дека Трамп сака да го заврши конфликтот поради штетните последици за економијата, растот, инфлацијата пред среднорочните избори за Конгресот во ноември.
„Но, ако размислите за тоа, штетата е веќе направена. Ако се случи прекин на огнот под ирански услови, тој ќе изгледа како губитник – неговиот кредибилитет е послаб, сигурно ќе ги изгуби изборите. Мојот аргумент е дека, спротивно на интуицијата, тој ќе одлучи да ескалира“, нагласи Рубини.
Тој рече дека пазарите во моментов ја преценуваат веројатноста за брз крај на конфликтот и дека „ризикот од долготрајна војна со последици слични на оние од 1970-тите сè уште не е доволно проценет“. Во четврток, Трамп ја продолжи паузата во нападите врз енергетските постројки во Иран за уште 10 дена за да се овозможи мировни преговори, додавајќи дека „разговорите се во тек и… одат многу добро“. Во исто време, САД продолжија да испраќаат дополнителни сили на Блискиот Исток.