Листата за забранети супстанци во козметичките производи донесена во 2010 година не е ажурирана ниту еднаш, што не ја следи праксата на ЕУ каде оваа листа повеќекратно е ажурирана во истиот период. Поради тоа постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанци за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава, забележале ревизорите во последниот извештај за ревизија на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Во рамки на државните лаборатории не се обезбедени услови и техничка опременост за испитување на сите забранети супстанци во козметичките производи, а ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци (фталати и бор) во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата, се додава.

Дополнително, ревизорите утврдиле дека Инспекторатот не направил попис, односно не е утврден статусот и состојбата на обврските и паричните средства со кои располага Инспекторатот.

Со извршениот увид во сметководствената и материјалната евиденција на постојаните средства која е проценета на 3.800 илјади денари каде се евидентираат состојбите на опремата и патничките возила, утврдивме дека не постои усогласеност помеѓу состојбите искажани во главната и помошната книга.

Ревизорите утврдиле и дека во Инспекторатот вработени се 66 лица што претставува 59% од вкупно предвидените работни места, при што 43 се инспектори, од кои 58% се на возраст од над 50 години а 42% од на возраст над 60 години;

Состојбата со вработените во Инспекторатот влијае на квалитетот и квантитетот на извршените инспекциски надзори, го ограничува вршењето на дејноста и создава неизвесност при планирање на инспекциски надзори во наредни години. Имајќи го предвид наведеното ревизијата е на мислење дека е потребно одговорното лице на Инспекторатот во координација со Министерството за здравство и Министерството за финансии да преземе активности за одобрување на нови вработувања и унапредувања со кои постепено ќе се надмине недостигот на кадар.

Извештајот прочитајте го ТУКА