Oколу 11 илјади мали инвеститори во Германија изгубиле приближно 300 милиони евра вложени во проекти поврзани со Soravia, а сега случајот е предмет на кривична истрага од страна на обвинителството во Франкфурт. Истрагата опфаќа менаџери и лица од врвот на компанијата под сомнеж за организирана измама, додека паралелно се водат и граѓански постапки во кои веќе има пресуда во корист на оштетен инвеститор. Компанијата ги отфрла обвинувањата и тврди дека не е запознаена со истраги насочени против раководството.
Германска инвестициска афера со години фрла сенка врз еднa од најпознатите австриски инвестициски компанији во секторот недвижности Soravia. Сега, по долг период на критики и сомнежи, во случајот се вклучуваат и германските органи на прогонот. Според информации објавени од австриските медиуми, обвинителството во Франкфурт на Мајна води истрага против претставници на виенскиот концерн Soravia, а кругот на осомничени наводно ги опфаќа и највисоките претставници на компанијата. Станува збор за случај во кој околу 11 илјади мали инвеститори изгубиле приближно 300 милиони евра, пари вложени преку таканаречени подредени заеми.
Soravia, семејна компанија со седиште покрај Дунавскиот канал во Виена и со околу 5000 вработени, со децении важи за една од најреномираните градежно инвестициски компании во Австрија. Но работењето на групацијата во Германија веќе две години е проследено со сериозни проблеми. Дел од клучните прашања околу движењето на средствата и внатрешните финансиски трансфери сè уште не се целосно разјаснети, а сомнежите дополнително се продлабочуваат поради информациите дека значителни долгови биле префрлани кон ќерка фирма во Луксембург.
Под истрага во Франкфурт
Истрагата ја води специјализираното обвинителство за економски криминал при обвинителството во Франкфурт на Мајна. Според достапните податоци, обвинителството испитува сомнеж за организирана измама со елементи на здружено делување. Обвинителството засега не открива детали, наведувајќи само дека постапката е во тек. Претходно, случајот бил во надлежност на обвинителството во Дармштат, но предметот подоцна бил отстапен во Франкфурт поради надлежноста поврзана со седиштата на одредени ќерки компании.
Во суштина, моделот на Soravia предвидувал прибирање средства од мали инвеститори, кои преку подредени заеми го финансирале развојот на имотни проекти. Од крајот на 2023 година, во германскиот огранок значителен дел од овие средства не биле вратени. Компанијата како причина ги наведува потресите на имотниот пазар. Германска подружница која управувала со средствата, во 2024 година влегла во стечај, но една година подоцна стечајната постапка била повлечена. Причината била што неколку помали ќерки фирми на Soravia, кои директно ги прибирале средствата од инвеститорите, практично се откажале од побарувањата кон фирмата која управувала со средствата. Последицата била дека инвеститорите добиле назад околу пет проценти од вложеното. Три до четири менаџери и советници се споменуваат како осомничени, а меѓу нив наводно има и лица од највисокиот менаџмент. За сите сè уште важи претпоставката на невиност.
Граѓански постапки и судска пресуда
Покрај кривичната истрага, случајот веќе подолго време се води и пред граѓанските судови во Германија. Во декември 2025 година, Покраинскиот суд во Штутгарт донесе пресуда која сè уште не е правосилна. Тужбата ја поднел мал инвеститор кој изгубил 10000 евра и тврдел дека бил погрешно информиран во инвестицискиот проспект. Судот ја прифатил неговата аргументација и го задолжил поранешниот финансиски директор на Soravia, Петер Штојрер, да му исплати обесштетување. Тој до есента 2024 година бил одговорен за финансискиот сектор и управувал со повеќе компании поврзани со случајот.
Паралелно, според информации од извори блиски до истрагата, во Франкфурт се води и уште една постапка поврзана со конфликт меѓу претставници на концернот и германски советник ангажиран од компанијата. Во овој посебен случај Soravia не се појавува како осомничена, туку како страна што поднела кривична пријава. Според достапните информации, дошло до конфликт меѓу претставници на компанијата и германски советник ангажиран од концернот, по што компанијата наводно пријавила физички инцидент или закани. Детали за постапката засега не се објавуваат.
Од компанијата тврдат дека не им се познати истраги насочени против раководството или вработени во групацијата и нагласуваат дека групата не е предмет на истражни мерки. Во официјалната реакција се посочува дека Soravia располага со јасно утврдени механизми за контрола и усогласеност со законските прописи и дека деловните партнери и инвеститорите можат да имаат доверба во стабилноста и професионалноста на компанијата. Додека истрагите продолжуваат, аферата останува еден од најконтроверзните примери за ризиците со кои се соочуваат малите инвеститори на европскиот имотен пазар.