Да се развие и имплементира интегриран и долгорочен национален пристап кон миграцијата, да се зајакнат институционалните капацитети на државава како транзитна земја на Запандо-балканската рута, управувањето со миграциите да се темели на интегриран и правно усогласен пристап, отворање контролирани и легални канали за работна миграција усогласени со реалните потреби на пазарот на труд и демографските трендови, додека одливот на млади и високообразовни лица да се третира како стратешки миграциски и развоен предизвик, преку развој на политики за нивно задржување во земјата, се дел од препораките усвоени на 18. Сесија на работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Новиот пакт за миграција и азил: безбедносни и интеграциски предизвици во Европа со фокус на Западен Балкан и Република Северна Македонија“ на Националната конвенција на ЕУ во земјава.
Директорката на МААРИ Регионалниот центар Ангела Бораниева, истакна дека од 2015 година кога започна мигрантската криза па до денес, имаме над еден милион луѓе кои се поминати низ Западно-балканската рута.
-Со тоа целиот овој регион стана примарно транзитен коридор кон земјите на ЕУ, и тоа не е нешто што е прекинато. Од друга страна, регионот се соочува со една друга ситуација, имаме зголемен одлив на население, односно пред се тоа е работноспособно младо население коешто е високо-образовано и тоа неминовно ќе дојде заедно со уште една друга појава, а тоа е со потреба од зголемена легална миграција. Тоа ќе биде следен тренд којшто ќе почнеме да го чувствуваме, рече таа.
Бораниева посочи дека Пактот укажува дека границите не се изолирани контролни точки, и ова, рече таа, е особено значајно во контекст на на Пактот, бидејќи границите се најчесто искористувани од криумчарите на мигранти, кои се високо адаптабилни во денешно време.
-Но во исто време границите се соочуваат и со зголемен обем на легален транзит, зголемен обем на трговија и доколку самите механизми не се соодветни, ќе им голем притисок, застој, што значи дека ќе мора да се вложи многу во модерна инфраструктура, интегрирано гранично управување, ќе мора да се вложува во современи напредни обуки во кадрите што ќе работат, како и во изготување заеднички анализи за ризик, посочи таа.
Професорот на Факултетот за безбедност – УКЛО, Трпе Стојановски, посочи дека миграцијата е динамична состојба којашто се случува. Тој вели дека ЕК се избори за овој документ кој е конрадикторен внатре во рамки на ЕК, и од аспект на Македонија и Западен Балкан станува впечаток дека самите земји од регионот во овој момент кога Пактот станува реалност, не се подготвени за предизвиците што ги носи тој пакт во однос на состојбите или на процесите што се поврзани со економскиот, политичкиот живот на земјите во регионот и особено со човековите права и слободи.
-Како државјанин на Македонија, или некоја трета страна во однос на ЕУ, веќе сме во постапка кога влегувајќи во земјите на ЕУ се соочуваме со дел од механизмите на регистрација, нешто што произлегува од самиот пакт. Меѓутоа, имаме во предвид дека подготовките што ги правеше ЕУ преку своите инструменти и преку своите тела, се однесуваат асиметрично, многу повеќе застапувајќи ги интересите на ЕУ, меѓутоа земјите од регионот, каде што е и Македонија, беа оставени самите на своја волја, на своја оценка да се прилагодуваат во однос на овој документ којшто значи структурна реформа на миграциската политика во Европа денес, посочи Стојановски.
Амбасадорот Андреј Лепавцов од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и експерт на Европското движење, во однос на проблемите на границите, како и за проблемите што ќе настанат особено во летниот период, во однос на ЕТИАС системот, рече дека техничките услови не се на ниво на кое имплицира целосна имлементација на еден ваков сложени системи.
-Протестот на превозниците е една прва конкретна реакција на граѓаните околу овој систем. Веројатно сите оние кои патуваат во следниот период ќе го почувствуваат тоа. Нека се сфати и како апел и до претставници од амбасадите на земји-членки на ЕУ присутни на настанот, дека Западен Балкан како иден дел од Европа следен за интегрирање, треба да има посебен приод и повеќе време да се помине и да се размисли како да се олесни тој преоден период, рече Лепавцов.
Мирослава Мителманова, директор на Словачката невладина организација „Лига за човекови права“, говореше за напливот на мигранти од Украина во Словачка, по руската инвазија врз Украина, при што во Словачка сега има над 140.000 лица кои се уште се под привремена заштита.
-Пред тоа бевме хомогена земја и не бевме отворени кон мигранти, но се се промени во 2022, кога научивме дека сме способни да примиме повеќе мигранти отколку што мислевме претходно. Тоа беше лекција што ја научивме, многу луѓе не транзитираат низ нашата земја, туку и остануваат, рече Мителманова.
Таа посочи дека официјалниот став на Словачка е критичен кон договорот на ЕУ за миграција во неговата сегашна форма, особено отфрлајќи ги задолжителните обврски за преместување и финансиска солидарност, и повикувајќи на исклучоци, што го одразуваат нејзиниот прием на луѓето што бегаат од војната во Украина. Мителманова рече и дека Западно-балканската рута покажува дека справувањето со миграции е споделена европска обврска.
-Северна Македонија, заедно со другите земји од Западен Балкан имаат клучна улога во справувањето со миграциските движења, додека обезбедувањето пристап на заштита, фер процедури и основни услуги, останува заеднички интерес на сите засегнати страни, рече таа.
Ненад Симиќ, шеф на Канцеларијата за координација на активностите во борбата против трговија со луѓе од српското МВР, рече дека Србија е земја транзит за мигрантите, а не дестинација како што се земјите од ЕУ.
-Србија треба да донесе и закон во областа на борбата против трговијата со луѓе, во рамки на Реформската агенда од Планот за раст на Западен Балкан, и е земја која прва во регионот и една од ретките во ЕУ, која би требало да го донесе овој закон за борба против трговијата со луѓе. За тој закон пред два месеци добивме и зелено светло од ЕК, да може да влезе натаму во процедура на усвојување, и успеавме во самиот текст на законот да ги имплементираме сите препораки на ГРЕКО, рече Симиќ.
Горан Павловски од Одделот за гранични работи и миграции при МВР, истакна дека за разлика од мигрантската криза во 2015 година, денес на јужната граница имаме можност за регистрација на сите мигранти.
-Тоа значи профилирање, земање отпечатоци, фотографирање, ги внесуваме во наши бази на податоци што ги користиме исклучиво за наши прилики, и по потреба, по барање за конкретни лица, можеме тие дата бази да ги споделиме со партнерски земји, земји од ЕУ. Државава и земјите од регионот не се „рush“ и „рull“ фактор за овие имигрантски движења, едноставно сме жртва на овие процеси што се случуваат далеку од нас. Поради таа цел нас ни е потребна поддршката од ЕУ зароа што тие мора да помогнат во сите овие работи со кои ние се справуваме – во делот на материјално-техничкото опремување, а во поново време и со ангажман на ФРОНТЕКС, посочи Павловски.