И овој продолжен празничен викенд Охрид преполн со туристи. Но, туристичките работници стартот на сезоната на брегот на Охридското Езеро го оценуваат како послаб од лани. Причините се тоа што гостите имаат помала куповна моќ и во градот се задржуваат еден или само неколку денови…

Стартот на сезоната за жал не ги исполни очекувањата на туристичките работници. Оценките се дека мај помина послабо споредбено со лани. Туристи има, но со послаба куповна моќ, помалку се троши, а и помалку се задржуваат во градот. На послабиот старт, влијание имаат и откажувањата на трите тур-оператори.

Гостите од Полска и Чешка доаѓаат само на еднодневна екскурзија од Албанија, исто и групите кои се дел од Балканските тури се задржуваат само ден – два.

„Се чувствува некоја придвиженост, има гости доаѓаат од соседните земји и странство, но имаме за жал откажувања кои покажуваат еден мал пад на туристи кои доаѓаат во мај“, вели Челик Асим, туристички работник.

„Послаба е на стартот од лани, дали временските услови, чартер летовите задоцнија за разлика од други години кои биле пред први мај, или на почетокот. Годинава имаме и доста откажувања од Холанѓани, Полјаци, вели Димитар Мато, бродар.

Најбројни на почетокот на сезоната се гостите од регионот, но ги има и од европските земји и од далечниот исток. Најголем дел од нив се задоволни од престојот на брегот на Охридското Езеро.

„Доаѓаме од Осиек, Хрватска, прв пат сме во Охрид и сме воодушевени.“

„Љубезни луѓе, многу убава природа, градби … сè е преубаво“, велат гости од Хрватска.

„Четири ноќи, пет дена сме овде, бевме и во Битола, ќе одиме и до Скопје“, велат гости од Хрватска.

„Три дена сме овде.“

„Многу е убаво, ни се допаѓаат и луѓето и храната. Бевме во Грција и сега сме тука“, велат гости од Тајван.

„Овде сме седум денови. Прекрасно е, луѓето се пријатни, има многу што да се види, езерото е прекрасно. Топло го препорачуваме Охрид“, вели гостин од Босна и Херцеговина.

Експертите велат-сите туристички чинители заеднички треба да работат на отстранување на детектираните слабости и привлекување на што повеќе туристи.