Обезбедување работа за младите во земјата, спречување на емиграцијата и помагање на лицата во социјален ризик да стекнат нови квалификации и да се вработат, со што ќе станат финансиски независни, се дел од мерките на Оперативниот план 2025 кој Владата го ратификуваше на седница, а во средата беше претставен од страна на премиерот Христијан Мицкоски.

Со цел заинтересираните да се информираат за мерките кои ги предвидува Планот, Владата денес организираше дебата „Визија за промена“, на која за мерките и ефектите кои се очекуваат говореа министерката за образование и наука Весна Јаневска, вицеминистерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули.

Јаневска појасни дека во делот на образованието Оперативниот план ќе понуди дополнителна едукација, доквалификација или преквалификација на 600 лица за што се планирани 70 милиони денари.

Целта е тие да можат да се интегрираат на пазарот на труд, а мерката МОН ќе ја реализира во соработка со Центарот за образование на возрасни (ЦОВ) кој ќе организира интензивни обуки од три месеци за што ќе бидат објавени конкурси.

Јаневска истакна дека обуките ќе бидат од модерни технологии, од претприемништво и сите кои се корисни и за развој на општеството и оти ќе бидат креирани според неговите потреби.

„Пријавените ќе добиваат 12,000 денари месечно, а обуките ќе ги спроведуваат акредитирани организации кои веќе имаат искуство и кадар. Тие што ќе бидат избрани да ги спроведуваат обуките ќе добиваат по 30,000 денари месечно“, рече Јаневска на трибината.

Таа потенцираше дека само 25 проценти од луѓето од 25 до 64 години се вклучени во процесот на некакво образование, за разлика од ЕУ каде е 47 проценти. „Наша цел е, рече таа, преку овој План да го достигнеме тој процент. Сево ова е организирано и со финансиска пресметка и со очекувани резултати. Знаеме веќе што очекуваме од овој Оперативен план и какви ефекти ќе имаме, за разлика од минатото кога не било планирано и решенијата биле ад хок, без натамошен развоен план освен моментална помош. Поентата е да ги вклучиме невработените и повозрасните на пазарот на труд зашто јавна тајна е дека ние во моментот имаме недостиг од работна сила. За жал, иселувањето од земјата е огромна и со голема тага кажувам дека во изминатите седум години изгубивме 17 000 ученици и седум илјади студенти, што за мала земја како Македонија може да биде погубно ако тој тренд продолжи“, нагласи Јаневска.

Вицеминистерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, посочи дека важен сегмент од Планот е токму демографијата која е во фокусот и на Владата и затоа таа е опфатена и во новиот назив на Министерството. Пристапот со овој План, рече, овозможува демографијата да биде број еден со цел да им се помогне на младите да најдат работно место во државава. „Акцентот го ставаме на младите луѓе до 29 години кои, за жал, системот на државата ги натерал дел од нив да ја напуштаат и тоа ќе продолжи ако не направивме нешто суштински. И затоа се овие мерки со подобри услови токму за најмладите и за тие до 29 години отвораме можности да останат во Македонија и да можат да бидат дел од системот за вработување и својот живот и иднина да ја креираат токму тука и да ги задржиме семејствата“, рече Велковски.

Оперативниот план 2025, посочи тој, опфаќа и стимулативни мерки за маргинализираните категории граѓани, како приматели на гарантирана минимална помош (ГМП), лица со инвалидност, жени Ромки, жртви на семејно насилство. Како што рече, гарантираната минимална помош што денес ја примаат ранливите семејства кои се во социјален ризик не е доволна за да го истуркаат месецот. За да не останат постојано зависни од помошта, целта е, рече Велковски, да се натераат оние што се работоспособни да бидат вработени, посочувајќи ги како предвидени мерки самовработувањето и претприемништвото. Со мерките се елиминираат бариерите со кои се соочуваат корисниците и ќе им се помогнат во постепено осамостојување. „Тенденцијата на Владата е да се намали бројот на невработени и преку овие мерки може да го постигнеме тој ефект многу побрзо и поефикасно. Ќе ги мотивираме примателите на ГМП да најдат вработување, буквално да им помогнеме и со индивидуални планови како Министерство и центри (за социјална работа) и со тоа да ги извадиме од сиромаштија и да станат навистина независни“, истакна Велковски на трибината.

Сељатин Бељули, директор на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, соопшти дека активно се подготвуваат за спроведување на мерките предвидени со Оперативниот план и дека е подготвен и софтверот за активностите, и на централно, и на локално ниво. „Јавните повици ќе се објават со план и роковник што ќе го определиме и дефинираме. Чекаме решение од Комисијата за заштита на конкуренција која е надлежна да донесе решение доколку некоја од активните мерки се коси со законот и кога ќе го добиеме ќе почнеме со реализација“, соопшти Бељули.

Како што рече, влијанието и ефикасноста на мерките ќе се следи преку индикатори на реализација кои се дефинирани во секоја одделна мерка во самиот Оперативен план. Транспарентноста на целиот процес, пак, ќе ја гарантира комисија за избор со членови од девет институции. „Уверувам дека е обезбеден транспарентен процес затоа што секоја активна мерка пред реализација оди со јавен повик на кој имаат право да учествуваат сите невработени лица или сите заинтересирани засегнати страни како работодавачи или спроведувачи на обуки. Администрацијата на Агенцијата за вработување фактички само ги подготвува материјалите, ги води процесите и административните работи врзани со овој документ. Конечната одлука за тоа кои ќе бидат учесници во овие активни мерки е на комисијата за селекција на учесници во активните мерки. Таа комисија е составена од членови од девет институции и го гарантира транспарентниот процес при изборот. Освен тоа, предвидено е да има и комисија за приговори“, рече Бељули на трибината.

Оперативниот план за вработување за 2025 година е вреден 40 милиони евра и опфаќа над 16 илјади невработени, 65 проценти од овие лица се очекува да бидат млади до 29 години. „На последната седница срочивме оперативен план за вработување вреден 40 милиони евра со кои ќе бидат опфатени над 16 илјади наши сограѓани, од кои 12 537 лица во активни мерки за вработување, а 3520 лица во услуги за вработување“, изјави премиерот на презентацијата на Оперативниот план.