Околу 27 милиони евра, поточно, една милијарда и шестотини и педесет милиони денари, ќе изнесува буџетот на Министерството за надворешни работи што е предвиден за 2022 година. На прес-конференцијата по повод претставување на Буџетот на МНР предвиден за наредната година, шефот на дипломатијата Бујар Османи, рече дека ова е историски најголем буџет на МНР во последните години.

Тој истакна дека овие средства, кои се зголемени за 28 проценти, или, над 360 милиони денари, ќе бидат наменети за издатоците поврзани со пополнување на сите испразнети амбасадорски места, доекипирање на амбасадите и конзулатите со дополнителен дипломатски кадар, а во овие средства се влезени и издатоците за економските советници во амбасадите, но и зајакнување на кадарот за комуникација со дијаспората.

Покрај редовната дипломатска активност, во следната, 2022 година, Македонија ги започнува и обврските поврзани со претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, процес кој суштински трае три години, почнувајќи за нешто повеќе од еден месец, на 1 јануари следната година, соопшти Османи.

–Само да напоменам дека за самото претседавање во 2023 година, дополнително уште од сега се мапирани нови осум милиони евра, но тоа е ставка која ќе биде дел од буџетот за 2023 година. За оваа намена во буџетот за 2022 година предвидени се околу 110 милиони денари, или без малку 1,8 милиони евра. Соодветно на преземените обврски за претседавањето со ОБСЕ, во 2022 година предвидено е да се упатат над 15 лица во мисијата во Виена, кои ќе работат и на нашата улога во рамките на претседавачкото трио, но, и ќе се подготват за финалното преземање на претседателството со ОБСЕ во 2023 година, дополни Османи.

Во зголемувањето на буџетот влегува и преземената обврска согласно одлуката на Владата која одобри повеќегодишните буџетски средства во висина до пет милиони евра, за реализација на активности на повеќе дипломатски и конзуларни имоти. Станува збор за имотите во Цирих, Атина, Канбера, Будимпешта, Бразилија и Анкара, односно, онаму каде што е утврдено дека поради неопходната потреба од реконструкции, реновирања и потребни адаптации, веќе подолго време имотите не се користат за потребите на дипломатско конзуларната мрежа.

Реализацијата на овие капитални инвестиции, како што велат од МНР, понатаму ќе обезбеди заштеди на годишните трошоци кои сега се одвојуваат за наемнини и други редовни трошоци.