Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известува земјоделските стопанства дека е отворен електронскиот систем за поднесување на барања за директни плаќања во земјоделството.

Краен рок за поднесување на барањата е 31. 07. 2025 година.

Во овој период се поднесуваат барања за:

– растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал,

– сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица,

– органско земјоделско производство.

Барањата се поднесуваат во електронскиот систем на Агенцијата од страна на земјоделското стопанство а доколку имаат потреба од помош можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.

Линкот за пристапување до апликацијата е:

www.ipardpa.gov.mk  – Директни плаќања е-субвенции.

Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.

За мерките за растително производство по обработлива земјоделска површина за прв пат оваа година се воведува Геопросторно барање.

Земјоделецот секоја земјишна парцела ја добива геопросторно – нацртана во простор (превземено од СИЗП: број на СИЗП парцела, површина во м2, тип на употреба на земјоделско земиште, поврзани КП, место викано).

Барателот геопросторно ги пријавува податоците за своето производство за секоја култура: вид на култура, големина и точна просторна локација.

На овој начин е намалена можноста за грешки при аплицирање а воедно предмет на контрола на терен ќе биде точно пријавената површина.

Геопросторниот производен план претставува основа за мониторинг на парцелите кој претставува систем на следење на активностите на земјишните парцели по пат на сателитски снимки при што ќе се оневозможи исплата на субвенции за земјиште кое не се обработува.