БАНКАРСКИОТ СЕКТОР СО УМЕРЕНО ОЛЕСНУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ
Во декември 2025 година биле забележани позначајни промени кај каматните стапки на банките и на штедилниците, при што кредитите продолжуваат да поевтинуваат, а депозитите бележат благ раст, покажуваат најновите податоци од банкарскиот сектор.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити во декември изнесувала 4,76 % и била намалена и на месечно и на годишно ниво. Истовремено, просечната каматна стапка на вкупните депозити пораснала на 2,21 %, што укажува на умерено подобрување на условите за штедење. Пониски камати се регистрирани и кај новоодобрените кредити, чија просечна стапка изнесува 4,25 %, додека новопримените депозити носат принос од 2,36 %.
Кај корпоративниот сектор, трендот на намалување на каматите на кредитите продолжува. Просечната каматна стапка на вкупните кредити на компаниите во декември се намалила на 4,38 %, при што падот бил најизразен кај денарските кредити. Новоодобрените кредити за фирмите се одобруваат со просечна камата од 4,17 %, што претставува значително олеснување во однос на претходниот месец. Од друга страна, каматата на вкупните депозити на корпоративниот сектор порасна на 2,66 %, иако новопримените депозити бележат пад на месечно и на годишно ниво.
И кај домаќинствата се евидентираат поволни движења. Просечната каматна стапка на вкупните кредити се намали на 5,15 %, додека новоодобрените кредити се одобруваат со камата од 4,38 %. Падот е присутен кај сите видови кредити, без разлика на валутната структура.
Во делот на штедењето, каматните стапки за домаќинствата бележат умерен раст. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,14 проценти, а кај новопримените депозити достигна 2,52 проценти, што укажува на зголемена атрактивност на штедењето во домашниот банкарски систем.