Пакистан и Иран вчера склучија спогодби со кои се задолжуваат да ја зголемат билатералната размена на 10 милијарди долари и да работат потесно заедно за да ја отстранат заканата од тероризам за мирот и благосостојбата во областа.

Спогодбите во различни домени, вклучувајќи ја енергетиката и економијата, беа потпишани за време на дводневната посета на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

“Поставивме цел од 10 милијарди долари во трговијата и се надеваме дека ќе ја постигнеме што е можно поскоро”, изјави премиерот Шехбаз Шариф на заедничкиот брифинг.

Шариф ја реафирмираше поддршката на Пакистан за правото на Иран на мирна нуклеарна програма според Повелбата на ОН и ја осуди агресијата на Израел против Иран, велејќи дека таа “нема оправдување”.

Пакистанскиот премиер додаде дека двете држави ќе преземат ефикасни чекори за елиминирање на тероризмот и отворање насоки за просперитет во регионот.

Од друга страна, иранскиот претседател рече дека верува оти е изводливо да се стигне до границата од 10 милијарди долари, што би претставувало повеќе од тројно зголемување на размената.

“Длабоко сум убеден дека лесно, за кратко време, можеме да го зголемиме обемот на нашите трговски односи од сегашните три милијарди долари на планираната цел од 10 милијарди долари”, рече Пезешкијан.

Тој им се заблагодари на владата и народот за поддршката на Иран “за време на 12-дневната терористичка агресија од страна на ционистичкиот режим и САД”.