Сè повеќе бензински пумпи во Европа се соочуваат со недостиг на гориво, додека цените продолжуваат да растат. Ситуацијата веќе не е само прашање на високи цени, туку дали воопшто ќе има бензин и дизел.
Многу Германци веќе ја преминуваат границата за да точат гориво поради високите цени. Но, во Чешка на одредени пумпи веќе нема гориво, јавуваат германските медиуми.
Пумпи без гориво на границата
Во неколку бензински пумпи во пограничните области на Чешка, особено кај преминот Јохангеоргенштат, нема ниту литар гориво. Super Plus е распродаден, а дизел има многу малку
Вработените ги враќаат возачите, а само најсреќните успеваат да добијат неколку литри. Во радиус од 10 километри ситуацијата е слична, а никој не знае кога ќе пристигнат нови залихи.
Германија предупредува
Во Германија засега нема официјален недостиг, но властите веќе предупредуваат. Министерката за економија Катарина Рајхе изјави дека залихите сè уште се стабилни, но ситуацијата може брзо да се промени.
„Во моментов нема недостиг, но ако конфликтот продолжи, тоа би можело да се случи кон крајот на април или во мај“, рече таа.
Колку брзо може да се влоши кризата?
Она што се случува на границата меѓу Германија и Чешка покажува колку брзо може да ескалира ситуацијата.
До неодамна оваа област беше позната по поевтино гориво. Денес пумпите не работат нормално, операторите се затекнати а возачите со празни резервоари остануваат без опција
Цел регион пријавува прекини во снабдувањето.
Политички притисок и мерки
Во Берлин дебатата продолжува. Лидерот на SPD, Клингбајл, ги обвини нафтените компании за „лудо профитерство“. Се разгледуваат мерки како ограничување на покачувањето на цените на еднаш дневно и слободно намалување на цените во секое време.
Сепак, не е сигурно дали овие мерки ќе бидат воведени.
Економските институти предупредуваат на сериозни последици – до 40 милијарди евра загуби за германската економија ако цените останат високи. Канцеларот Мерц најави дека се разгледуваат дополнителни мерки, но без конкретни детали.