Транспортерите велат дека поради високата цена на нафтата веќе не се исплати да се увезува од одредени дестинации, а домашното производство треба да стигне околу велигденските празници.

Црвен домат од 250 до 280 денари за килограм, розов 330 денари, краставица од 100 до 120 денари, за килограм пиперки треба да платите најмалку 300 денари. За парче зелена салата треба да се платат најмалку 50 денари, за морков 50 до 80, а китка магдонос чини од 30 до 50 денари. Зеленчукот деновиве со изгор цени. Транспортерите велат дека поради високата цена на нафтата веќе не се исплати да се увезува од одредени дестинации, а домашно производство сè уште нема, треба да стигне околу велигденските празници. Во малите колонијални продавници велат дека на Кванташкиот пазар нема избор, има многу малку стока, а цените на увезениот зеленчук достигнуваат рекордни нивоа.

Според увозниците, главната причина за високите цени и намалениот увоз е наглиот раст на цената на нафтата и зголемените транспортни трошоци. Според последните информации, цената на нафтата на светските пазари е околу 100 долари за барел, што претставува раст од околу 50 проценти во однос на претходниот период. Овој ценовен шок директно се прелева врз транспортот и логистиката, кои се клучни за увозот на свеж зеленчук и овошје.

– Во моментов, увозот е сериозно намален. Трошоците за транспорт се зголемени до таа мера што од некои релации веќе не е исплатливо да се носи стока – вели еден увозник на овошје и зеленчук од Скопје.

Тој вели дека во моментов зеленчукот се продава по цени кои порано биле незамисливи.

– Купувачите реагираат, но реалноста е дека трошоците се зголемени на сите нивоа – додава трговец од Кванташки пазар.

Дополнителен проблем, вели тој, е што дел од традиционалните пазари за увоз, особено од Блискиот Исток и Јужна Европа, се погодени од истите ценовни шокови. Тоа значи дека и понудата е намалена, а цените на извозот се зголемени.

-Не е само транспортот. И производната цена кај земјоделците е зголемена, дизелот, ѓубривата, сè е поскапо. Кога ќе стигне производот кај нас, цената е двојно повисока – објаснува друг увозник.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува зголемувањето на цената на горивата да има влијание врз инфлацијата, но не големо. Тој рече дека Владата засега интервенира директно од Буџетот зашто се грижи за граѓаните, но има и друг план за следни чекори ако евентуално ескалира кризата.

-Да ги почекаме трошоците за живот. Ние интервенираме директно од Буџетот и сме една од ретките земји што го прави тоа. Има држави што прават привид, ги качуваат акцизите, тоа е товар директно на горивото за 100 – 200 отсто, па намалуваат 50 отсто. Не, ние директно данокот го намалуваме, тоа што го собира државата. Покажуваме дека оваа Влада се грижи за граѓаните директно од Буџетот, а не со трикови – ќе ги качиме акцизите двојно, па потоа ќе ги намалиме за 20 – 30 проценти. Тоа е разликата меѓу одговорна Влада и влади кои прават привид. Ние сме една од ретките, можеби има уште две-три во Европа кои вака интервенираат – рече Мицкоски.

Недостигот на домати, пиперки и краставици во Македонија не е резултат само на намален увоз, туку на поширока економска криза предизвикана од скапата нафта, растот на производните трошоци и нарушените глобални синџири на снабдување. Доколку трендот продолжи, експертите предупредуваат дека високите цени ќе се задржат и во наредниот период.
Периодов речиси и да нема домашни раноградинарски производи, па на тезгите се продава зеленчук од Грција, Турција и Албанија. Пазарџиите велат дека треба да поминат уште најмалку десетина дена за да излезе првиот зеленчук од македонските топли леи, но предупредуваат да не очекуваме драстични поевтинувања. По обичај, во првите четири месеци од годината, кај нас претежно се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија, кои се во ЦЕФТА, немаме царини, а со Грција и Турција има, плус се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.