ОД ИДЕЈА ДО РЕАЛИЗАЦИЈА СПОРЕД „ФИДИГ“ ПРАВИЛА И БРИТАНСКИ КОНСУЛТАНТИ
Владата му даде зелено светло на Министерството за финансии да направи мини тендер во кој ќе учествуваат дваесетина меѓународни финансиски институции, од кои ќе се одбере најповолната која ќе ја финансира изградбата на брзата пруга според „фидиг“ процедура која предвидува изведувачот на трасата да биде и проектант. Тоа, според експертите, претставува нарушување на принципите на рационално инвестирање и транспарентно управување со јавните средства. Тие бараат стопирање на процедурата за финансирање додека не се направи проект кој ќе ја дефинира трасата и ќе даде пресметка за чинењето на пругата. За премиерот Христијан Мицкоски ваквиот начин на изведба на проекти не е ништо невообичаено бидејќи се градат насекаде во светот. – Сигурно јас како инженер не би си дозволил да влеземе во авантура во која ќе нема позитивен крај, вели Мицкоски
Владата, на предлог на Министерството за транспорт, донесе Одлука со која го задолжи Министерството за финансии на меѓународниот финансиски пазар да изнајде средства за спроведување на проектот за брза пруга од Табановце до Гевгелија. Според досегашните владини најави, изградбата на брзата пруга би чинела меѓу 1,7 и 2 милијарди евра и дека ќе се изведува според „фидиг“ процедурите. Едната „фидиг“ процедура предвидува изработка на готов проект по кој ќе се гради, а втората е по изработена физибилити студија изведувачот да ја проектира трасата и да ја гради пругата.
Ваквиот недефиниран пристап однапред да се бараат пари без претходно да се има проект кој ќе даде проценка за рамката за финансирање, според експертите, претставува нарушување на принципите на рационално инвестирање и транспарентно управување со јавните средства. Во анализата на професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, тој посочува дека Владата треба да ги следи европските практики во подготовката и реализацијата на капитални проекти.
– Одлуката е донесена без спроведување на стандардни фази на подготовка на еден инвестициски проект, како што се: анализа на потребите, прометот, приходите и трошоците, студија на изводливост, проектна документација и јавна консултација. Финансирањето треба да дојде дури по успешно завршени фази дека проектот е економски оправдан и технички изводлив. Во случајот со брзата пруга, Владата директно влегува во фазата на финансирањето, без стратешка сообраќајна и енергетска анализа. Не се знае ни точната траса на пругата, ни објектите, а камоли цената. Претходно треба да се направи анализа на побарувачката и претходни договори за гарантиран промет, како и економско-финансиска анализа за цената, приходите, трошоците и исплатливоста. Треба да има и Студија на влијание врз животна средина, како и геомеханички испитувања долж трасата, без кои се можни големи задоцнувања, поскапувања и пенали, слично како кај автопатот Кичево – Охрид – вели Трајковски.
Според него, ова претставува системско заобиколување на транспарентноста, стручната проценка и институционалната логика на јавните инвестиции и класичен пример на политички наметната одлука што директно ги крши принципите на рационално и одговорно инвестирање.
–Тоа ќе повлече многу висок ризик од изградба на економски неисплатлив објект, неодговорно и неефикасно користење на јавни средства и задолжување, можни проблеми при експропријација, правни жалби или отпор од локалното население, недоверба од меѓународни финансиери и донатори, како и задолжување под многу неповолни услови – смета Трајковски.
Инженерите на Македонија бараат времено стопирање на процедурата на обезбедување финансии додека не се направи независна економска физибилити студија и како што велат „да се спречи влегување во нов губитен проект што најверојатно ќе ни донесе загуба од најмалку 3 милијарди евра“.
Но, премиерот Христијан Мицкоски уверува дека не треба да се стравува и објасни дека државата има ангажирано реномирана британска компанија, која ќе биде консултант во целиот процес.
– Има физибилити студии и проекти, за тоа никој не треба да има дилема. Оваа компанија е експерт според „фидиг“ правилата. Ваквиот начин на изведба на проекти не е ништо невообичаено бидејќи се градат насекаде во светот. Сигурно јас како инженер не би си дозволил да влеземе во авантура во која ќе нема позитивен крај – вели Мицкоски.
Во однос на начинот на задолжување Мицкоски рече дека Министерството за финансии по претходно барање на „Македонски Железници – Инфраструктура“ ќе се обрати до дваесеттина финансиски институции од светот и ќе направи т.н мини тендер.
– Онаа институција, која под тие услови ќе даде најдобри услови за финансирање на овој проект ќе ја прифатиме и со неа ќе потпишеме договор, којшто ќе биде дел од „Влада со Влада“ договорот за Стратешко партнерство со Обединетото кралство. На тој начин ќе добиеме модернизирана пруга на коридорот 10 што ќе овозможи десеткратно зголемување на приходите на „Македонски Железници –Инфраструктура“.