Акцизата на дизелот е намалена за четири денари по литар, а на безоловните бензини за два денари. Се продолжува и намалената стапка на данокот на додадена вредност за горивата до крајот на кризната состојба. Премиерот Мицкоски вели дека потрошувачката на деривати достигнала рекорди поради тоа што граѓани од соседството ги полнат резервоарите на пумпите во земјава. И покрај ваквата ситуација, проценката е дека нема потреба од какви било ограничувања.
Акцизата на дизелот се намалува за четири, а на бензините за два денари по литар. Одлуката е донесена на итна владина седница како мерка за заштита од поскапувањата. Останува и повластената стапка на ДДВ-то од 10 насто за горивата кое ќе важи во наредните две недели. Како што информираше премиерот Мицкоски, засега нема да се ограничи точењето на горива за возилата со странски таблички.
Премиерот вели дека засега не се планира ново задолжување надвор од предвидената рамка, но владата е подготвена за неизвесноста што ја носи кризата од блискиот исток. Во периодот што следува ќе се размислува и за мерки поврзани со цените на основните производи.
Иако намалувањето на акцизата ќе значи и десетици милиони евра помалку во државната каса, Мицкоски уверува дека во неа има доволно пари. За јуни е најавен ребаланс, со цел да се обезбедат средства за тековните трошоци, без да се загрози ликвидноста на Буџетот.