ОСВЕН ЦЕНИТЕ НА СТАНОВИТЕ, РАСТАТ И ЦЕНИТЕ НА ПАРКИНГ-МЕСТАТА

Цените на гаражите го следат трендот на становите и бележат континуиран раст во последните години. Зависно од локацијата, во Скопје може да се купи гаражно место по цена од 6.000 до 16.000 евра. Изнајмувањето, пак, чини од 30 до 100 евра месечно. Градежните експерти коментираат дека  поради недостигот на паркинг-простор во Скопје, инвеститорите ги качуваат цените. Во зависност од локацијата, едно гаражно место во Скопје чини и до 16 илјади евра, што е надвор од секаква економска логика. Познавачите на состојбите на пазарот велат за весникот ВЕЧЕР дека како што стои работата, цената на гаражите уште повеќе ќе расте, бидејќи речиси половина од становите во Скопје немаат паркинг и граѓаните имаат проблем каде да ги оставаат автомобилите

Освен цените на становите, растат и цените на гаражите. Јавноста е фрапирана од податокот дека цената на гаражите во Србија достигнува и до 70 илјади евра. Градежните експерти коментираат дека и кај нас не е подобра ситуацијата и дека гаражите на некои локации се продаваат и по 16 илјади евра. Зависно од местоположбата и од староста на зградите или на објектите, во Скопје може да се купи гаражно место по цена од 6.000 до 16.000 евра. Изнајмувањето, пак, чини од 30 до 100 евра месечно, зависно од местоположбата. Пазарот за гаражни простори во зграда или во посебни гаражи и паркинг-простор надвор од зграда бележи континуиран раст во последните години, како во однос на бројот на продадени единици така и во однос на цените, коментираат експертите.

Никола Велковски вели за весникот ВЕЧЕР дека поради недостиг на паркинг-простор во Скопје, инвеститорите ги качуваат цените. Во зависност од локацијата, едно гаражно место во Скопје чини и до 16 илјади евра, што е надвор од секаква економска логика.

– Ова е злоупотреба од страна на инвеститорите, поради тоа што нема доволно паркинг-места. Во поголемиот дел од зградите, малку се води сметка за ова прашање и така дел од зградите немаат соодветен простор за гаражи, иако имаат добиено градежна дозвола во која е предвидено да постојат – вели Велковски.

За да се реши проблемот, тој смета дека е потребно да се разгледаат сите детални урбанистички планови и да се види дали има предвидено посебна парцела за паркинг.

– Во некои делови од градот, дури има згради без обезбедена улица, зеленило и без простор за паркирање. Затоа цените за купување и изнајмување гаражи ќе растат. Поради тоа, Град Скопје треба да откупува одредени локации од граѓаните по поволни цени. Овие локации би биле поевтини од оние за изградба на станови и би се користеле исклучиво за јавна намена, односно за паркинзи, игралишта, зеленило… – додава Велковски.

Познавачите на состојбите на пазарот велат за весникот ВЕЧЕР дека како што стои работата, цената на гаражите уште повеќе ќе расте. Сега, за надворешно паркинг-место се плаќа по 7-8 илјади евра, а во Скопје и до 10 илјади евра. Додека, пак, годишно изнајмувањето чини над 1.000 евра, а месечно од 30 до 100 евра, зависно од местоположбата.

Речиси половината од становите немаат паркинг и граѓаните имаат проблем каде да ги оставаат автомобилите. Проблем со паркирањето, освен во центарот на градот, има и во населбите Карпош, Аеродром, Кисела Вода, додека во периферните населби е порелаксирано. Така, на пример, жителите на Карпош, каде што сè уште нема зонско паркирање, мора да паркираат на тротоари, на улици или да кружат со часови додека да најдат слободно паркинг-место.

Астрономски цени на гаражи има и во соседна Србија, каде што гаражите се продаваат и до 70 илјади евра, а квадратен метар достигнува и до 10 илјади евра. Причините, според експертите, е што нема функционална берза и не можете да инвестирате никаде на друго место, освен во недвижности.