На германскиот пензиски систем му треба итна реформа за да се избегне неконтролирано зголемување на трошоците и неприфатлив фискален товар врз идните генерации, се нагласува во извештајот од Минхенскиот институт за економски истражувања (ИФО).
Доколку ништо не се преземе, стапката на придонеси за задолжително пензиско осигурување би можела да се зголеми од сегашните 18,6 проценти на 22 проценти до 2050 година, се предупредува извештајот на ИФО.
– Германија се соочува со драматични демографски предизвици. Без реформи, товарот ќе падне врз работниците и работодавачите, вели Марсел Тум, директорот на Институтот ИФО и коавтор на извештајот.
Тој истакнува дека очекуваниот животен век во Германија се зголемува, додека помладите генерации се значително помалубројни.
– Трошоците за стареење не треба еднострано да се оптоваруваат врз младите, поради што треба повторно да се воведе „факторот на одржливост“, а возраста за пензионирање треба да се поврзе со очекуваниот животен век, вели Тум.
Укинувањето на пензионирањето на 63 години само делумно би му помогнало на германскиот пензиски систем. Поврзувањето на возраста за пензионирање со очекуваниот животен век би имало најголем ефект. Економските експерти заклучуваат дека дополнителни долгорочни заштеди би се оствариле со усогласување на постојните пензии со инфлацијата, а не со растот ба платите, пренесува B92.