Јануари донесе нов удар врз домашниот буџет, откако синдикалната минимална кошничка порасна за 921 денар во споредба со претходниот месец. Според најновите податоци на ССМ, на едно четиричлено семејство сега му се потребни најмалку 66.413 денари за основни потреби, додека оние кои плаќаат кирија мора да обезбедат над 81.000 денари за да го преживеат месецот.

Минималните месечни трошоци на четиричлено семејство во јануари изнесувале 66.413 денари и се зголемени за 921 денар во споредба со декември, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија. Доколку четиричленото семејство живее во изнајмен стан од 60 метри квадратни, минималните трошоци изнесуваат 81.788 денари.

Од вкупните месечни минимални трошоци, 24.211 биле потребни за храна и пијалоци, а за подмирување на минималните режиски трошоци 6.338 денари.

Поради зголемените трошоци на живот, ССМ бара зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за што во следниот период најавува протести.