Се очекува повеќе од шеесет македонски производи да бидат извезувани во САД со поволни тарифи од 0 до 6,5 проценти, што е резултат на активните преговори меѓу двете земји. Меѓу производите се тутун, ајвар, електрични уреди, машини, делови за муниција и автобуси од фабриката во „Бунарџик“. Ваквите царински стапки ќе овозможат зголемување на извозот, стабилизација на економијата и контрола на инфлацијата
Преку шеесет производи кои за Македонија се стратешки, во Соединетите Американски Држави ќе бидат извезувани со едноцифрена тарифа од нула до шест и пол проценти, најави вчера премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека тоа ќе биде потврдено со заедничка изјава.
– Очекувам околу 63 или 64 производи, кои се за нас стратешки, да бидат со поволна тарифа, која ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу нула и шест и пол проценти – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека изминатите месеци се воделе многу активни и жестоки преговори и оти ваквите поволни стапки се резултат на овие преговори.
Инаку, моменталната царинска стапка што од 7 август минатата година ја воведоа САД за македонските извозни производи изнесува 15 проценти. Претходно, во април лани, американскиот претседател Доналд Трамп првично објави царинска стапка за македонските производи од 33 проценти.
Македонија во САД извезува тутун во лист, мадраци, ајвар, полнети чоколада, електрични кондензатори, муниција и нејзини делови, други машини и уреди, електрични спроводници за во телекомуникациите. Покрај ова, најголема ставка се автобусите од фабриката во „Бунарџик“ на ВДЛ Ван Хоол, кои пред да заминат во САД, одат во матичната фабрика во Белгија, каде што се финишира производството и контролата и потоа бродски се транспортираат до своето одредиште.
Премиерот Мицкоски очекува во текот на оваа година инфлацијата да се стабилизира под 3 %.
– Оваа година очекувам со годишната инфлација да се стабилизираме под 3 %. Очекувам некој месечен негативен тренд, односно опаѓање споредено со минатата година. Ланскиот јануари имавме кошничка, така што очекувам оваа година да се движиме тука некаде, околу 3 %, нешто можеби под или над 3 %, со тоа што ќе имаме негативна тенденција на месечно ниво – вели Мицкоски, кој очекува наредните денови да бидат објавени статистички податоци за тие параметри.
Според него, тоа се должи на консолидирање на состојбите во државата.