Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, тврди дека враќањето на ДДВ кон економијата се одвива тековно и дека нема значајни разлики во однос на досегашната практика.

Тој изјави дека не располага со информации оти се чека повеќе од три месеци за поврат на ДДВ и ги повика сите на кои, според нивното мислење, им се должи, да му се обратат.

„Нема поголеми отстапувања од тоа што е пракса во минатото, данокот на додадена вредност се враќа редовно, но разлкиката е во тоа што сега внимателно се проверува за да не ни се случат Крмзов и слични луѓе кои го злоупотребувале и црпеле системот и ги злоупотребувале граѓаните“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот на кој Царинската управа ги објави резултатите од работењето.

На прашањето дека, според бизнис секторот, се чека повеќе од три месеци за исплата, тој категорично изјави дека не добил таква информација. „Имам редовни состаноци со стопанските комори и апсолутно не сум слушнал ваква информација.“

„Сите што мислат дека им се должи слободно нека ми се обратат, сите го имаат мојот контакт телефон да видиме дали е тоа така“, потенцираше премиерот.