Изборот на нов гувернер на Народната банка не оди по најавениот план на премиерот Христијан Мицкоски. Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска нема да достави предлог до собранието а утре на истекот на мандатот на актуелната Анита Ангеловска Бежоска нема да се гласа предлогот во законодавниот дом.

На шефицата на државата и требале уште неколку дена да размисли кој да ја води монетарната политика на земјава. Таа откри дека веќе разговарала со тројца кандидати, со актуелната гувернерка, со професорот Трајко Славевски и со екс министерот за финансии Зоран Ставрески кој сега му е  советник на Мицкоски за финансии и банкарство. Кој и да биде од нив, Силјановска вели дека ќе биде извонреден гувернер.

„Деновиве ќе го поднесам предлогот, причината е мојот долг плоден разговор со тројцата потенцијални кандидати. Сите се извонредни, ме запознаа со она што го правеле во животот, со биографиите кои дополнително ќе ги достават. Кога разговарате со секој од нив по час – час и половина во голема дилема сте. Затоа јас ги информирав и нив и јавноста а и собранието дека после дополнителни консултации ќе го поднесам конечниот предлог.“ – Гордана Силјановска Давкова претседателка на Македонија.

На Анита Ангелоска Бежоска утре и е последен ден од седумгодишниот мандат. Но според законот, таа ќе ја врши функцијата се до избор на нов шеф на Централната банка. За изборот на гувернер се потребни  61 пратеник во Собранието да гласаат ЗА.

Инаку, функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваа Димитар Богов  од 2011та до 2018та, претходно Петар Гошев од 2004та до 2011та, Љубе Трпески кој на чело на Народната банка од 1997-2004 и Борко Станоевски од 1986-1997.