На 26 јануари, камионите од Србија и од Босна и Херцеговина може целосно да застанат на границите со Шенген-зоната. Превозниците најавуваат координирани блокади, како предупредување по двегодишното игнорирање на нивните барања за ревизија на новиот систем за влез и за излез – ЕЕС. Застојот ќе го почувствуваат европските пазари, но патничкиот сообраќај нема да биде погоден.
Камионските превозници од Србија и од Босна и Херцеговина се закануваат дека на 26 јануари ќе ги остават паркирани своите возила и нема да вршат транспорт кон земјите од Шенген-зоната. Од тамошните здруженија за меѓународен транспорт велат дека станува збор за предупредување што одамна се подготвува. Оттаму посочуваат дека системот EES, кој ги регистрира влезовите и излезите од Шенген-зоната, им создава дополнителни административни и временски бариери.
– Новите правила директно го ограничуваат бројот на денови што можат да ги поминат на територијата на Шенген, со што се доведува во прашање економската одржливост на превозниците. Дополнително, постојните билатерални квоти за транспорт меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ речиси и да не се применуваат во практика – посочуваат од тамошните здруженија.
Превозниците се обидуваат со месеци да ги искористат дипломатските канали за решение на проблемот, испратиле писма до Европската комисија, комуницирале со надлежните институции во Србија и во БиХ и имале средби во Брисел, но без конкретен исход.
– Целта не е блокада по секоја цена, туку отворање сериозен разговор за ревизија или пофлексибилно толкување на правилата во рамките на Шенген – велат од здруженијата.
Превозниците потсетуваат дека тие транспортираат стока купена и продадена од европски компании и функционираат како прекугранични работници за европската економија. Постојат можности да се реши проблемот со поедноставно и попрактично толкување на постојниот систем, но засега не гледаат подготвеност за таков дијалог од другата страна.
Доколку блокадите започнат и потраат, последиците нема да останат само на границите. Застои во снабдувачките синџири, дополнителни трошоци за стопанството и притисок врз увозно-извозните компании се сценаријата што веќе се споменуваат. Превозниците најавуваат дека протестите ќе траат онолку долго колку што е потребно за да бидат слушнати нивните барања, уверувајќи дека топката сега е во дворот на Брисел.