Околу 30 отсто од оризовите површини се неожнеани, што директно ја доведува во прашање целата реколта

Загрижувачка е сликата во кочанскиот регион со жетвата на оризот.  Обилните дождови, во комбинација со доцната сеидба, оставија околу 30 отсто од оризовите површини неожнеани, што директно ја доведува во прашање целата реколта.

Згора на ова цените на откуп се мизерни велат производителите, а реагираат и земјоделските здруженија. Производителите бараат откупната цена на оризовата арпа да биде минимум 35 денари за ситните сорти и 40 денари за крупните сорти оризова арпа, но за жал цените се речиси двојно пониски.

„Штетите се, да не речам, 100 проценти оваа година. Со цената, со откупот и со времето“, изјави оризопроизводител од село Спанчево.

„Гледам сега некои жнеат, ама што ќе соберат е прашање. И тоа што ќе го ожнеат нема да биде квалитетно. За жал, природата си го прави своето“, вели земјоделец од село Облешево.

Националната земјоделска мрежа алармира за катастрофалната состојба со откупот на оризот од реколтата 2025.

Оризопроизводителите се сообраа во Чешиново и констатираат дека состојбата со оризот е тешко поправлива бидејќи цела сезона е промашена, со задоцнета жетва, задоцнетиот почеток на наводнувачката сезона од еден месец, пробиените оптимални рокови за сеидба.

Но, сега најголемата грижа на производителите е откупот на оризот и цените што ги нудат откупувачите.

„Сето ова резултираше со катастрофални штети по оризот како по квалитет така и по квантитет. За иронијата да биде поголема откуп од овогодишната производна реколта може да се каже дека воопшто нема. Односно, количините што се откупени се минимални и по мизерни цени од 18 до 23 ден по килограм откупена оризова арпа што е далеку под производните цени и плус без прецизиран рок на исплата“, изјави Ѓорги Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа за „Независен“.

Според него во овој момент тече откупот на оризот за стоковите резерви по цена од 37 денари по килограм оризова арпа со одбиток од 10% и рандман од минимум 40 отсто.

„Поради сите овие причини, Националната земјоделска мрежа изразува најостар револт и осуда за злоупотребата од страна на откупувачите и непочитувањето на законските прописи според кои оризот припаѓа во категорија на заштитени стратешки култури согласно Законот за земјоделие и рурален развој. Апелираме до надлежните, а посебно до Министерството за земјоделие, Земјоделскиот инспекторатот, Агенцијата за стокови резерви веднаш и безусловно да се вклучат во решавање на откупот на оризовата арпа согласно надлежностите и обврските и одговорностите според позитивните законски прописи“, посочи Каракашев.

Производителите на ориз од МЗШВ побарале под итно да се изготви производна цена за оризовата арпа за производната реколта 2025 што е законска обврска на Министерството. Јавно да биде објавен документот за утврдена производна цена и методологијата за истата. Откупната цена на оризовата арпа да биде минимум 35 денари за ситните сорти и 40 денари за крупните сорти оризова арпа. Државните институции итно да предложат решенија за откуп на оризовата арпа како стратешка култура. Доколку не се преземе ништо и не се понудат економско прифатливи и одржливи решенија, од Националната земјоделска мрежа велат дека  заедно со своите членови ќе ги применат сите легални и демократски средства кои им стојат на располагање со единствена цел –„да се заштити макотрпниот труд и животната егзистенција на оризарите како многу битна социоекономска категорија на граѓани“.

По средбата со оризопроизводителите во општина Чешиново – Облешево, министерот за земјоделие Цветан Трипуновски објави дека разговарале за предизвиците со кои се соочуваат оризопроизводителите и можностите за подобрување на производството.

Па Трипуновски без да наведе детали за состојбата со жетвата и откупот на оризот кусо објави –„Отворената и директна комуникација со земјоделците е клучна за да обезбедиме одржливо и конкурентно земјоделство“.