Денес, Групацијата на небанкарски финансиски организации при Стопанската комора на Северна Македонија ќе организира прес-конференција каде ќе го претстави Етичкиот кодекс, кој ги дефинира основните стандарди во функционирањето на финансиските друштва.
Според соопштението од Стопанската комора, Етичкиот кодекс претставува “збир на вредности, принципи и добри практики од работењето на финансиските друштва, потписници на Етичкиот кодекс, кои се во согласност со законски пропишаните регулативи и ги надградуваат истите.”
Целта е, како што наведуваат, “да се унапреди работењето на финансиските друштва и да се подобри корисничкото искуство на нивните клиенти, да се поттикне поголема социјалната одговорност на финансиските друштва, како и да се унапреди релацијата на финасиските друштва со потрошувачите, односно корисниците на нивните услуги.”
На настанот, финансиските организации кои се дел од Групацијата, ќе го потпишат Етичкиот кодекс, со што официјално ќе се заложат за примена на неговите принципи и вредности.
Финансиските друштва кои припаѓаат на Групацијата при Стопанската комора постојано работат на подобрување на околината за одговорно кредитирање, заштита на корисниците, подобрување на деловните услови на пазарот, усогласување со меѓународните стандарди, како и подобрување на видливоста и угледот на небанкарските финансиски институции.
Во таа смисла, усвојувањето на Етичкиот кодекс доаѓа по кампањата за финансиско образование за заштита на личните информации.