Колку ќе поскапе струја – јавноста и денеска нема да знае. Пропадна и четвртиот тендер на ЕВН, за набавка на електрична енергија за домаќинствата. ЕСМ повторно не достави понуда. Ако за првите три тендери образложението беше дека се уште прават преметки, овој пат од ЕСМ велат дека немаат овластување да учествуваат на тендер, кој е распишан за 12 месечен период. Сега државните електрани ќе го чекаат новиот тендер, кој ЕВН Хоум треба да го распише за набавка на струја само за првите шест месеци од идната година.

„Одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количини на електрична енергија со кои ЕСМ треба да се јави на тендерот на ЕВН Хоум за 2022 година се однесуваат на шестмесечен период, додека актуелниот тендер на ЕВН Хоум е распишан за 12-месечен период. Од тие причини ЕСМ денеска не поднесе понуда. ЕСМ ќе се јави на следниот повик на Универзалниот снабдувач, кој треба да се однесува на периодот јануари – јуни 2022 година.“

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави дека цената на струјата во следните шест месеци нема да се зголеми повеќе од 10 проценти. Од друга страна, првиот човек на Регулаторна Марко Бислимовски вели дека не знае по која цена ЕСМ ќе му понуди струја на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, оти Комисијата повеќе не го одредува износот на државните електрани. Сепак, Бислимовски е оптимист дека идната година енергетската состојба ќе се стабилизира, а како одлична ја оценува одлуката на Владата целата струја за домаќинствата да се обезбеди од домашно производство.

Македонија се соочува со енергетска криза, откако цената на струјата на меѓународниот пазар доживеа енормен скок. Денес таа изнесува околу 300 евра за мегават час. За да ја ублажи енергетската зависност од увоз, државата реши во финкција да ги стави сите расположливи домашни производни капацитети. Сепак, и покрај ова, веќе е сигурно дека од 1 јануари граѓаните ќе плаќаат поскапа струја. За колку – ќе се знае по новиот тендер на ЕВН Хоум.