Во просториите на Народната банка се одржа првата официјална средба меѓу гувернерот, д-р Трајко Славески и претставникот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава, Бјорн Габриел. Средбата беше по повод новиот мандат на гувернерот Славески и како можност за освежување на дијалогот и разгледување на досегашната и понатамошната соработка помеѓу двете институции.
Во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците разговараа за активностите на ЕИБ во земјава, како и за досегашната поддршка што Европската инвестициска банка ја обезбедува преку инструментите за финансирање и техничката помош наменета за развој на економската инфраструктура и приватниот сектор. Посебно внимание беше посветено на ангажманот на ЕИБ за поддршка на малите и средните претпријатија, преку кофинансирање и кредитни линии во соработка со Развојната банка на Северна Македонија и деловните банки. Од 2009 година наваму, ЕИБ со 650 милиони евра поддржа над 2.500 компании и помогна во задржувањето на 140.000 работни места во земјата.
Гувернерот Славески изрази благодарност за долгогодишната соработка со ЕИБ и ја нагласи важноста на посветеноста на ЕИБ на реалната економија, како и поддршката на приоритетните проекти коишто носат долгорочен развој. Притоа, тој истакна дека Народната банка и во иднина ќе ги поддржува иницијативите насочени кон стабилноста на финансискиот систем и неговата подготвеност за справување со ризиците.
ЕИБ ја потврди подготвеноста за натамошна соработка со македонските институции, особено преку обезбедување стручна поддршка и советодавни услуги за подобрување на пристапот до финансии во рамките на Програмата за зелени финансиски системи и Водичот за декарбонизација, поттикнување инвестиции и унапредување на институционалните капацитети којшто ќе биде објавен наскоро.
Средбата беше оценета како значаен чекор кон продлабочување на партнерството помеѓу Народната банка и Европската инвестициска банка заради заедничка поддршка на развојните процеси во економијата на земјава.