Македонија го намали државниот долг и се раздолжи со еврообврзницата од половина милијарда евра од претходната власт, истакна премиерот Христијан Мицкоски. Коментирајќи ги обвинувањата дека со последниот договор со Обединетото Кралство долгот на државата е зголемен, Мицкоски истакна дека теоретски уште утре да почнеме да градиме и да почнеме да ги користиме парите, првата фактура ќе пристигне во 2027 година.

– Колку бргу ќе градиме, колку ефикасно ќе градиме, така ќе расте и нашиот бруто домашен производ, затоа што во градежништвото барем три пати ги вртите парите. Расте градежништвото, расте индустриското производство, растат услугите итн. Како што ќе расте нашиот номинален БДП така ќе достасуваат и обврските и така ќе се повлекуваат средствата. Значи, ние нема да ги повлечеме, да ни стојат на сметка и сега ние наеднаш ќе го кренеме долгот на државата без да го кренеме номиналниот БДП – истакна Мицкоски.

Премиерот вели дека е раздолжена државата со неколку проценти.

– Сè е на транспарентен начин. Еве, Министерството за транспорт доби барање од јавното претпријатие „МЖ Инфраструктура“ да обезбеди средства за овој проект. Министерството за финансии упати барање до дваесетина финансиски институции и банки, и најдобрите понуди ќе ги искористиме. Ако го користиме нашиот кредитен рејтинг ББ-стабилен, тогаш, можеби, би вратиле 75 % преку камати. Со нивниот рејтинг е ААА и со користење средства преку UK export finance, на меѓународниот пазар на пари, нивните услови се барем 2-3 пати поповолни од нашите – заклучи премиерот Мицкоски.

Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, рече дека сегашната власт ја задолжила Македонија над 7 милијарди евра, без отчет и без развој и дека е недозволиво младите и сè уште неродените деца да ги враќаат долговите.