Рускиот претседател Владимир Путин објави дека Русија ќе ги забрани услугите на западните технолошки компании кои сѐ уште функционираат во земјата, пренесе ДПА.
“Тие мора да бидат ограничени”, рече Путин на средба со руски ИТ-бизнисмени. “Западот сака да ја скрши Русија, затоа мора да возвратиме”, додаде тој.
Путин исто така најави и други чекори за заштита на економијата. Овие изјави дојдоа откако руските ИТ-претприемачи се пожалија дека локалните компании претрпуваат загуби во вредност од милијарди долари.
Русија сѐ уште во голема мера зависи од западни платформи како “Зум” и софтверот на “Мајкрософт”. Путин исто така најави и “ослободување на граѓаните од лоши навики”.
Москва веќе ја успори брзината на интернет за многу странски онлајн-сервиси. Руските корисници, на пример, имаат потешкотии да го користат “Јутјуб” без VPN, поради бавното вчитување на видеата.
Како алтернатива, Русија развива сопствена платформа – RUTube.
“Фејсбук” и “Инстаграм”, кои се во сопственост на “Мета” на Марк Закерберг, се класифицирани како екстремистички и се блокирани од почетокот на војната во Украина.
Властите исто така блокираа и голем број VPN-сервиси за да ги спречат корисниците да ги заобиколат забраните.