Путин ги брани високите каматни стапки како начин на справување со инфлацијата!
Владимир Путин негираше дека руската воена економија стагнира, иако извештај на централната банка покажа дека земјата е технички во рецесија. Во говорот на економски форум во Владивосток, Путин ги бранеше високите каматни стапки на централната банка од 18% како начин на справување со инфлацијата, што беше жестоко критикувано од бизнис заедницата и банкарите.
Графикон објавен во извештајот на централната банка оваа недела покажа дека бруто домашниот производ на Русија се намалува два квартала по ред, што е стандардна економска дефиниција за техничка рецесија. Извршниот директор на „Сбербанк“, Герман Греф, во четвртокот изјави дека економијата е во техничка стагнација и дека централната банка треба да ги намали каматните стапки.
На прашањето дали се согласува со Греф, Путин рече:
„Не. Тој знае, ние сме во постојан контакт со него. Тој учествува на многу од нашите состаноци, вклучувајќи ги и оние со мене, владата и централната банка“.
Греф е долгогодишен соработник на Путин и ја составил неговата прва економска стратегија на почетокот на 2000-тите.
Агенцијата за статистика процени намалување на БДП од 0,6% во првиот квартал, но сè уште не ги објавила податоците за вториот квартал. Руските новински агенции беа информирани оваа недела дека се предвидува економијата да порасне за 1,2% во 2025, откако лани растот бил 4,3%.
Греф кажа дека растот во јули и август бил блиску до нула. Но, Андреј Костин, извршниот директор на втората по големина руска банка ВТБ, рече дека не гледа големо влошување на економијата во вториот квартал.
За да ја намали инфлацијата, централната банка ја зголеми клучната каматна стапка на 21% минатата година, што е највисоко ниво од почетокот на 2000-тите. Стапката беше намалена на 18% во јули. Инфлацијата била 8,79% во јули, што е намалување од 9,40% во јуни. Централната банка очекува инфлацијата да се забави до целта од 4% во 2026.