Европската унија оди со сериозни контроли кон околу најбрзо растечката кинеска платформа за евтина онлајн трговија – Тему. Европските регулатори изведоа ненајавен претрес во европското седиште на компанијата во Даблин, како дел од истрага за сомнителни државни субвенции од Кина и нелојална конкуренција на европскиот пазар.

Истрагата се води по новата Регулатива за странски субвенции (FSR), која му овозможува на Брисел да проверува дали компании од трети земји добиваат државна помош – кредити со повластени камати, даночни олеснувања или други форми на субвенционирање – што им дава ненормална предност во однос на европските фирми. Ако се докаже прекршување, ЕК може да изрече казни до 10% од глобалниот годишен промет на компанијата, што за играч од форматот на Тему би значело потенцијално милијардски износи.

Темпото со кое Тему влезе на европскиот пазар го објаснува интересот на регулаторите. Платформата, во сопственост на кинеската PDD Holdings, стартуваше во ЕУ во 2023 година и за кратко време стигна до повеќе од 110–120 милиони месечни корисници во Унијата, со приходи од околу 1,7 милијарди долари и проценети 10 милијарди долари продажба кон европските потрошувачи. Притоа, ирската подружница формално има само неколку вработени – типичен модел на „лесно“ присуство со огромен пазарен ефект.

Ова не е прв судир меѓу Тему и европските правила. Во јули Европската комисија веќе заклучи, во прелиминарни наоди, дека платформата е во прекршување на Законот за дигитални услуги (DSA) – не ги проценува доволно ризиците, овозможува продажба на небезбедни и нелегални производи (вклучително и детски играчки и електроника) и нема соодветни механизми за заштита на малолетници и проверка на возраста. Во краен исход, DSA дозволува казни до 6% од годишниот светски промет за вакви платформи.

Во позадина, меѓутоа, стои многу поширока европска загриженост: поплавата од евтини кинески пратки. Во 2024 година во ЕУ стигнале повеќе од 4,6 милијарди пакети со вредност под 150 евра, од кои околу 90% од Кина. Токму оваа „ситна“ стока – маички за 3 евра, ламби, гаџети, играчки – им дава агресивна ценовна предност на платформи како Тему, Шеин и АлиЕкспрес, додека европските трговци плаќаат царини и целиот пакет давачки.

Затоа паралелно со рацијата во Даблин, министрите за финансии на ЕУ донесоа уште една одлука: од 1 јули 2026 година секој мал пакет под 150 евра што доаѓа од трета земја ќе се оданочува со рамна давачка од 3 евра. Воедно, до 2026–2028 година целосно се укинува и досегашниот царински прагот од 150 евра за вакви пратки. Целта е да се затвори дупката која им дозволуваше на кинеските платформи да испорачуваат милијарди парчиња стока без царински товар, на штета на европските продавници и производители.

За самата ЕУ, Тему е дел од поширока слика на затегнати трговски односи со Пекинг. Унијата веќе воведе високи царини, до 38%, за дел од кинеските електрични автомобили поради неверификувани државни субвенции, а под лупа се и други компании во стратешки чувствителни сектори како безбедносните скенери за аеродроми и гранични премини. Истото логично се прелева и во електронската трговија, каде што евтините цени често одат рака под рака со прашања за квалитетот, безбедноста и потеклото на стоката.