Во првите шест месеци од годинава, од наплата на патарини се инкасирани вкупно 1.900.255.930 денари, односно околу 30,89 милиони евра, што е за 78 милиони денари повеќе во споредба со истиот период лани, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Сè поголема е и употребата на електронските системи за наплата – М-карта и М-таг – кои се очекува дополнително да добијат на популарност со можноста за надополнување преку широка мрежа на малопродажни објекти низ целата држава. За таа намена, ЈПДП наскоро ќе распише јавен повик за избор на оператор.

Во рамки на системот „Отворен Балкан“, досега се регистрирани 5.077 македонски и 8.500 српски таг-уреди, што дополнително го олеснува сообраќајот низ регионот.

„ЈПДП бележи континуиран раст на приходите од наплата на патарина. Од почетокот на 2025 година до денес, вкупниот приход за првото полугодие е 1.900.255.930 денари или во споредба со истиот период во 2024 година е повеќе за 78.000.000 денари. Што се однесува до начинот на плаќање, во сериозен раст е употребата на ЕНП електронска наплата на патарина, и ова укажува на тренд на зголемена дигитализација и побрз проток на сообраќај на патарините“, изјави за МИА директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.

Стапката на наплата достигнува 99,6 проценти, што, како што посочува Трајановски, значи дека сè помалку возачи избегнуваат плаќање.