Бакарот бележи раст од скоро 2%, достигнувајќи цена од 10.800 долари за тон на Лондонската берза, а договорите на COMEX ја пробија границата од 11.250 долари. Финансиските институции, меѓу кои и Goldman Sachs, предупредуваат дека металот може да постави нови рекорди во наредниот период, поради зголемената побарувачка и трговските ограничувања меѓу САД и Кина.
Кина и понатаму контролира над 90% од светското производство на рафинирани ретки минерали, што ја прави клучен фактор во глобалната економска рамнотежа. Македонија во меѓувреме го забрзува процесот на усогласување на новиот закон за рударство – чекор кон привлекување на нови стратешки инвеститори.
За да не зависи од Кина, американскиот претседател Доналд Трамп неодамна потпиша и договор со Австралија, која ќе започне засилен ископ на металите за кои ексклузивен пристап ќе имаат САД.
„За околу една година од сега, ќе имаме толку многу критични минерали и ретки земни елементи и нема да знаете што да правите со нив“, рече Трамп откако го потпиша договорот од 8,5 милијарди долари за помош за отворање на рудници во Австралија.
Сепак, аналитичарите се скептични.
„Не мислам дека проблемите со снабдувањето со критични минерални суровини можат да се решат во краток рок. Кина е премногу далеку пред останатиот дел од светот“, вели Џон Маврогенес, професор по геологија на Австралискиот национален универзитет.
Европската Унија исто така финансира отворање на рудници, со намера да не зависи од Кина во целите за зелената транзиција. Сепак, магазинот Политико анализира дека Брисел нема да може наскоро да ја запре доминацијата на Пекинг, потрепувајќи ја тезата со неодамнешната изјава на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Сега мораме решително и итно да забрзаме. Ни треба побрзо и посигурно снабдување со критичните суровини, како тука во Европа така и преку нашите доверливи партнери. Подготвена сум да предложам понатамошни мерки за да се осигури економската безбедност на Европа и ќе го забрзам она што веќе го започнавме“, изјави Фон дер Лајен.
На пат да пронаоѓа критични суровини е и Македонија, преку новиот Закон за рударство. Последно, на средба со претставници на британски рударски компании министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакна дека Владата е посветена на тоа Македонија да биде партнер на сериозни и одговорни компании, кои работат според европски стандарди.
„Македонија ја гледаме како земја која создава предвидлива и транспарентна рамка за инвеститорите. Новиот законски и институционален амбиент овозможува инвестиции кои се во согласност со највисоките стандарди на одговорно рударство, енергетска безбедност и заштита на природата,“ изјави министерката Божиновска.
Како што соопштија од Министерството, Божиновска пред инвеститорите истакнала дека Македонија треба да биде регионален пример за балансиран развој на енергетиката и рударството. Сепак, низа години наназад Македонија нема среќа со инвестициите во рударството иако може да се пофали со големо количество на одредени метали, особено со бакар кој веќе стана дел од критичните минерални суровини. Нереализирани останаа повеќе инвестиции, меѓу кои и на Кожуф и во Казандол. Засега единствена инвестиција во рудник за бакар е во Иловица, иако компанијата инвеститор во минатото се пожали на правна несигурност. Од друга страна пак, претставниците на компаниите со кои остварила средба министерката, го поздравиле донесувањето на новиот Закон за минерални суровини, бидејќи, како што додаваат, со него се воспоставуваат јасни и транспарентни правила за работење, што ја зајакнува довербата кај странските инвеститори и го поттикнува развојот на модерно и еколошки одговорно рударство. Во Македонија нов сериозен рудник се нема отворено во изминатите 40 години, а најголеми шанси има со бакарот, кој во моментов руши рекорди на светските берзи.