Граѓаните ќе го почувствуваат економскиот пораст врз животниот стандард само ако растеме со повисоки стапки од 1-2 отсто. Тоа значи дека ќе имаме поголема придобивка ако имаме пораст на БДП преку 5 отсто. Освен власта и опозицијата, околу ова прашање се поделени и економските аналитичари. За едни, оваа стапка на пораст е реална и остварлива, други, пак, сметаат дека не треба да се гледа само економскиот пораст, туку како живеат граѓаните. Порастот е едно, а економската реалност е друго.
Власта и опозицијата со различни ставови околу порастот на БДП, кој, како што изјави премиерот Христијан Мицкоски, е четврт најголем пораст во Европа. Пред нас се само Ирска, Данска и Полска. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека проблемот е што СДСМ не може да поднесе што економијата расте кога не се тие на власт. Од опозицијата, пак, оценуваат дека добрата економска слика е уште една провидна манипулација со која власта се обидува да ја замагли катастрофалната реалност во која живеат граѓаните. И економските аналитичари се со поделено мислење околу порастот на БДП и на македонската економија. За едни, оваа стапка на пораст е реална и остварлива, но економијата треба да расте со повисоки стапки за да се одрази тоа врз економскиот стандард. Други, пак, сметаат дека не треба да се гледа само економскиот пораст, туку треба да се гледа како живеат граѓаните. Порастот е едно, а економската реалност е друго.
– Економскиот пораст од 3 отсто е реален. Неколку месеци пред статистика да ги објави официјалните податоци за економскиот пораст, јас кажав дека економскиот пораст ќе се движи преку 3 отсто. Годинава ќе ја завршиме со економски пораст од 3,5 отсто кој е близок со проекцијата на Министерството за финансии, која изнесува 3,7 отсто. Ова мое тврдење се темели на големо учество на градежниот сектор во порастот на македонската економија. Се очекува стапката на пораст да се зголеми со проектите кои ќе се реализираат со британскиот кредит, изјави економскиот експерт Синиша Наумоски за весникот ВЕЧЕР.
Тој е оптимист и очекува дека во наредните 3 години порастот на БДП ќе стигне до 5 отсто, а во 2030 година ќе дојде до 8 отсто.
– Сигурен сум дека може да постигнеме повисоки стапки на пораст. Порастот од 1 до 2 отсто нема никаква придобивка за граѓаните. Како мала економија, мора да растеме со повисоки стапки на пораст за да се одрази тоа врз стандардот на граѓаните – вели Наумоски.
Тој додава дека е поддржувач на билатерални договори како оној со Велика Британија и вели дека критиката не треба да биде насочена кон тоа зошто сме донеле пари, туку дали сме ги искористиле правилно.
– Последиците од порастот или од падот на економијата граѓаните најдобро ги чувствуваат по својот џеб. Од друга страна, прашање е дали тие статистички податоци се веродостојни или се користат само за политичка пропаганда? Економскиот пораст од 3 отсто и не е толку висок имајќи предвид дека 1 отсто пораст во Германија е многу позначаен отколку 5 отсто во Македонија. Просечната стапка на пораст последниве 30 години е 2,2 отсто. Поради тоа, не треба да брзаме со заклучоци, туку треба да почекаме да заврши годината и да видиме дали тој пораст е реален и со колкав пораст ќе ја завршиме годината. Во мала економија како што е нашата, и еден капацитет да не работи ќе се одрази врз стапката на економскиот пораст. Затоа е потребно да има повеќе инвестиции, да се отвораат фабрики за да се зголеми бројот на производствени капацитети, а со тоа и стапката на економскиот пораст, изјави за ВЕЧЕР Џевдет Хајредини, економски аналитичар и поранешен министер за финансии.
За економскиот аналитичар Синиша Пекевски, економскиот пораст се должи на секторот градежништво, а не на тоа што произведуваме и продаваме повеќе.
– Порастот се должи на порастот на секторот градежништво, а не на тоа што произведуваме и продаваме повеќе. Кредитите што ги земаме ќе треба да се враќаат и воопшто не сум оптимист дека порастот ќе продолжи, истиот е вештачки создаден и бргу ќе ги почувствуваме последиците. Треба да се следат прогнозите на Светска банка кои се драстично пониски. Сметам дека стандардот на граѓаните сè повеќе паѓа. Ако се следат бројот на кредити што се земаат, посебно брзите кредити, станува јасно дека голем број граѓани преживуваат и платите и пензиите не им стигнуваат да го поминат месецот – изјави за ВЕЧЕР, Пекевски.
Од владејачката партија ВМРО-ДПНЕ велат дека повеќе ги нема хаосот, корупцијата и неспособноста на претходната власт. Како што соопштуваат од партијата, граѓаните веќе го гледаат резултатот на терен. И знаат кој гради, а кој распродава, кој работи, а кој краде…
– Кога економијата тонеше, виновна беше опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Сега, кога економијата расте и Македонија е во топ 5 најбрзорастечки економии во Европа, одеднаш им текна дека тоа е нивна заслуга. Во периодот 2019 – 2023 година, СДСМ не само што не обезбеди континуиран пораст, туку остави економија во место, капитални инвестиции под 60 отсто и над 600 илјади сиромашни граѓани, велат од партијата.
Опозициската СДСМ обвинува дека луѓето во Македонија едвај врзуваат крај со крај, се борат со поскапувања, мизерни плати, празни паричници и празни фрижидери. Цените постојано се зголемуваат, платите стагнираат, стандардот постојано опаѓа…
Од опозицијата соопштуваат дека кога инфлацијата е 3 отсто исто колку и наводниот пораст, значи бесмислени се какви било фалби, нема никаков пораст. Граѓаните многу добро ја знаат реалноста, нема никаква економија што цвета и народ што осиромашува, велат од СДСМ.