Економијата бележи раст, но дел економски експерти предупредуваат дека тоа е делумно поради задолжувањата, што ја доведува во прашање одржливоста на растот на БДП. Други, пак, сметаат дека не може да се зборува за економски успех со и натаму ниската реализација на капитални инвестиции.

Македонската економија бележи раст од над 3 проценти, што Владата го претставува како доказ за успешноста на нејзините политики. Но, дел од економските експерти предупредуваат дека овој раст делумно е резултат на странските заеми, особено на унгарскиот кредит, што отвора дилема дали бројките навистина ја одразуваат состојбата на терен или претставуваат само оптимистична слика.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека БДП-то во првиот квартал од 2025 година пораснал за 3,2 отсто, според прилагодените податоци на Еуростат. Тој нагласи дека со оваа бројка, македонската економија е рангирана на четвртото место во Европа, зад Ирска, Данска и Полска.

Тој додава дека тоа се должи на рекорден раст на индустриското производство, зголемен извоз на земјоделски производи и за 22 проценти зголемен туризам.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) реалниот раст на БДП е 3 проценти во првото тримесечје од 2025 година во однос на истиот период минатата година.

Растот на БДП поттикнат преку задолжување

Но, професор Дејан Трајковски од од Универзитетот “Св. Климент Охридски” смета дека овој раст не е резултат на органски економски развој, туку на вештачко поттикнување преку задолжување – конкретно преку унгарскиот кредит, кој Владата го насочи кон општините и приватните компании.

„Поентата е дека растот на БДП во голема мерка ни е на кредит. Самото задолжување не било проблематично кога би се инвестирало во профитабилни проекти. Но, кога се вложува во неисплатливо проекти (на пример во општините), тогаш ефектот врз БДП е краткотраен, а долгот останува засекогаш и само расте, заради каматите“, вели за РСЕ Трајковски.

Зошто БДП изгледа „здраво“, иако всушност не е, објаснува Трајковски, е бидејќи расходниот (трошочниот) метод за пресметка на БДП не прави разлика дали потрошувачката и инвестициите се финансирани со сопствени средства или пак со долг.

Една милијарда евра заем од Унгарија беше овозможен со посебен закон изгласан во Собранието минатата година, откако владата претходно потпиша договор за кредитот во Будимпешта.

Од овие пари, 250 милиони беа наменети за поддршка на компании во земјава, 250 милиони за општините, а 500 милиони за враќање стари државни долгови.

Со тоа на крајот на март 2025 година, бруто надворешниот долг на Северна Македонија заедно со приватниот долг, изнесува 12,1 милијарди евра, односно 74,3 проценти од проектираниот БДП, покажуваат податоците на Народната банка. Во однос на претходниот квартал, долгот е намален за 203 милиони евра, или за 1,7 проценти.

Бруто јавниот долг изнесува околу 9,6 милијарди евра.

Северна Македонија над регионалниот просек

Според извештајот на Европската комисија (ЕК), економскиот раст во земјите од Западен Балкан значително забавил во првиот квартал од 2025 година, но посочува дека иако сите земји регистрирале послаб раст, Северна Македонија заедно со Албанија и Косово останала над прагот од три проценти, што ја позиционира подобро од просекот во регионот.

Главен двигател на растот била домашната потрошувачка, поддржана од континуираниот раст на платите, но нето приливот на странски директни инвестиции се намалил, што според ЕК е знак за потенцијални предизвици во иднина.

Но, економските сигнали на раст, како што ги прикажува и Европската комисија, не се доволни ако зад нив не стои и реална реализација на капиталните инвестиции, коментира за РСЕ економскиот аналитичар Абил Бауш. Долгорочниот економски напредок, вели тој, е невозможен ако реализацијата на капиталните проекти остане ниска – меѓу 28 и 30 проценти.

„Ако имате капитални инвестиции кои голем процент се нереализирани за разлика од соседните држави – Србија има 48, Грција има 55, Бугарија има околу 50 проценти, значи вие не може да имате некаков евидентен успех. Од друга страна имате околу 4,9 отсто инфлација на основни животни производи, што значи вие не може да имате параметар кој во иднина ќе покаже некаков економски раст, освен тоа што ви го најавува Светската банка, а тоа е економски раст кој на почетокот на годината беше 2,8 проценти, а има најави дека тоа може да се намали“, вели Бауш.

Инфлацијата останува сериозен ризик

И ЕК наведува дека иако земјава бележи релативно стабилен фискален биланс за разлика од другите земји во регионот, каде трошоците ги надминале приходите, намалувањето на девизните резерви и инфлацијата што сè уште се движи во пораст остануваат ризици.

Инфлацијата останува на релативно високо ниво. Во јуни 2025 година, трошоците на живот биле за 4,5 проценти повисоки во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Цените на мало, пак, пораснале за 3,7 проценти. Во споредба со мај годинава, месечната инфлација во јуни изнесувала 0,8 проценти.

Невработеноста е 11,6 проценти во првото тримесечје на 2025 година, според ДЗС, а просечната нето плата е 45.769 денари.