Цените на горивата во регионот на клацкалка. Кај едни поевтини, кај други поскапи. Во обид да заштедат граѓаните го активираат т.н бензински туризам. Пограничните места бележат гости од соседните држави…
Разликите на цените на нафтените деривати во регионот го активираа т.н „бензински туризам“. Возачи од соседни држави станаа се почести гости на македонските бензински пумпи. Граѓаните се обидуваат да заштедат на гориво, бидејќи покачувањата директно влијаат врз трошоците на живот и транспорт. Куманово е меѓу пограничните места, кои периодов бележат поголем број посети на странски државјани. Од бензинските пумпи во близина на ГП Табановце, но дури и во централното подрачје, потврдуваат дека има зголемена побарувачка, како резултат на пониските цени во споредба со соседството. По последната одлука на Владата за 30 дневна кризна состојба и намалување на ДДВ-то на горивата од 18 на десет отсто, цената во моментов на дизелот изнесува 95,5 денари за литар, а бензините се продаваат по 86,5 односно 88,5 денари за литар. За споредба во соседна Србија литар дизел во моментов чини 111 денари, додека цената на бензинот е 98,53 денари.
„Доаѓаат луѓе кога имаат потреба, и ние одиме таму. Секој гледа поевтино да помине, има метеж доаѓаат луѓе, но малку не е многу. Поскапо е во Србија овде е поевтино затоа и доаѓаат. Претежно од најблиските градови од соседна Србија? Да доаѓаат од Врање, Бујановац, поради цените“, вели еден граѓанин.
„Паметите ли вакво нешто? Кога имаше пар-непар броеви, тогаш ние одевме таму, сега е обратно“, дополни друг.
„Има и српски коли што доаѓаат тука полнат бензин таму е поскапо 2,5 евра“, нагласи трет.
Македонија засега не размислува да ги ограничи граѓаните од соседните држави, да точат гориво на македонските бензински пумпи. Податоците покажаа дека во пограничните региони, меѓу нив и Куманово, странци дневно точат и до 150.000 литри гориво, што е приближно околу 10 отсто од вкупната потрошувачка во земјава. Снабдувачите засега немаат проблеми со дистрибуција на гориво, резервите се стабилни.
Државата располага со залихи за околу 60 дена, така што простор за паника нема. Надлежните уверуваат се следи состојбата и не се исклучува можноста за носење дополнителни мерки.