Парламентот вчера со 65 гласа “за” и 14 гласа “против” го одобри Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година.

Во текот на дебатата, владејачката партија и опозицијата изнесоа дијаметрално спротивни гледишта за овој важен финансиски документ.

Според владејачкото мнозинство, Дополнетиот ребаланс на Буџетот ќе поттикне економски напредок и претставува финансиски план кој одвојува повеќе пари за пензионерите, младите и реализација на големи капитални проекти во општините. Тие нагласија дека се исполнети сите крупни ветувања и посочија дека се покачени пензиите, платите во просветата, здравството, полицијата и администрацијата, дека е остварен најдобар откуп на земјоделски производи и дека се завршени инфраструктурни проекти.

Опозицијата пак, изрази незадоволство поради отсуството на министерката за финансии во попладневниот дел од дебатата, што според нив укажува на неодговорно однесување на Владата кон овој важен документ. За опозицијата, Дополнетиот ребаланс на Буџетот е буџет кој се фокусира на краткорочни мерки, во кој не се почитуваат основните фискални правила и кој е скроен за купување гласови на изборите во октомври.

Фатмир Битиќи од СДСМ изјави дека ребалансот не е развоен и не е социјално одговорен, туку е буџет за селективна поддршка со краткорочни политички пресметки, скроен како предизборен поткуп за изборите во октомври. “Според Фатмир Битиќи од СДСМ, ребалансот не е развоен и не е социјално одговорен, туку е буџет за селективна поддршка со краткорочни политички пресметки, скроен како предизборен поткуп за изборите во октомври.”

Осврнувајќи се на буџетскиот дефицит, Битиќи рече дека тој останува на 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП, што е над законски дозволената граница од 3 проценти или максимум 3,5 проценти во исклучителни услови како што е некоја катастрофа или глобален шок. “Денес немаме никаков глобален шок, ниту криза, туку имаме криза во планирањето, криза во отчетноста, криза во вредносниот систем низ кој се креираат економските политики во државата”, рече вчера Битиќи.

Тој посочи дека буџетскиот дефицит е повеќе од двојно зголемен од крајот на април до средината на јули, што според него е јасен показател дека фискалната контрола е изгубена, а јавната потрошувачка расте непродуктивно. Битиќи истакна дека со ребалансот се зголемува и домашното и надворешното задолжување, со што се создава товар за идните генерации, посочувајќи дека со ребалансот домашниот долг се зголемува за 3,15 милијарди денари, а надворешниот за 1,38 милијарди, и дека е најавено ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината. “Според проценките на Фискалниот совет, јавниот долг ќе достигне 62,1 проценти од БДП – над дозволената граница.”

“Дополнително, Фискалниот совет идентификува над 700 милиони евра доспеани, но неисплатени обврски – скриени долгови кои не се евидентирани во дефицитот, но реално го притискаат буџетот и ја подриваат транспарентноста”, рече Битиќи, прашувајќи дали овие обврски се пресметани во ребалансот. Тој посочи дека се зголемени трошоците за стоки и услуги и дека е дуплирана ставката за набавка на автомобили, а за ЕКСПО 2027 што ќе се одржува во Србија, Владата ќе потроши 1,8 милиони евра за штанд од 134 метри квадратни, односно 5,550 евра по метар квадратен.

Во однос на Законот за линеарно зголемување на пензиите, Битиќи рече дека со ваквото законско решение 92 проценти од пензионерите ќе добијат помалку отколку што би добиле со постојниот модел, а само 22,000, од над 330,000 пензионери ќе добијат 100 денари повеќе.

Пратеникот Халил Снопче се осврна на порастот на цените на основните прехранбени производи, посочувајќи дека 25 проценти од населението живее во сиромаштија, а цените во државата се повисоки од државите во регионот и од европските држави. “Ребалансот не предвидува ништо конкретно за подобрување на овие параметри и ја става во опасност фискалната реализација. Нема реална преспектива за економско подобрување на државата”, рече Снопче.

Дополнетиот ребаланс на Буџетот на 16 јули беше усвоен од страна на Владата и во него беа вградени дел од амандманите што произлегоа од амандманската расправа во Собранието. Со него се обезбедуваат дополнителни средства за Министерствата за транспорт, за социјална политика и за образование и наука.

Станува збор за шест милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово во Буџетот на Министерството за транспорт, дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и пет милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Буџетот на Министерството за образование и наука.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на вчерашната собраниска седница рече дека предложените измени и дополнувања на Буџетот произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината.

Измените, како што посочи, не го менуваат суштински пристапот на Владата, туку го подобруваат, оптимизираат и прилагодуваат Буџетот кон приоритетите – сервисирање на клучните обврски, подобра распределба на расходите и поефикасно користење на расположливите извори на финансирање.

На крај на денешната расправа, министерката за финансии рече дека нема да се финансира изборна кампања, туку дека ќе се финансира изградбата на болници, училишта, патишта. “Ќе се финансира развој, овој ребаланс е потребен и насочен е кон иднината”, рече вчера Димитриеска-Кочоска.

За инфлацијата, рече дека како Влада се свесни за притисокот врз граѓаните и дека токму затоа се обезбедени повеќе средства за зголемување на пензиите, платите, за социјална заптита и за стабилизирање на пензискиот систем. Ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека линеарното зголемување ќе важи за сите пензионери.

Таа посочи дека буџетскиот дефицит е внимателно планиран и дека задолжувањето е одговорно со поволни камати за што податоците се јавно достапни. Во првите шест месеци од годината, како што посочи, приходите се зголемени за 8,6 проценти, а расходите бележат раст од 5,1 процент.