Владата одлучила следниот месец да прави ребаланс на буџетот. Причината се локалните избори и проектите за кои општините аплицираа за добивање на пари од унгарскиот кредит.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека засега не се знае од каде конкретно ќе се кратат средства и кои институции ќе добијат повеќе пари, но одлуката е донесена а прекројувањето на државната каса ќе се случи годинава во јуни.

„Логично е да има прераспределба во месецот кој што следи поради импликацијата врз буџетските средства како резултат на проектите кои што ги поднесоа општините за финансирање од овој втор повик. Сепак, станува збор за 15 милијарди денари основни буџетски средства, и на тоа има и кофинансирање, или вкупно околу 16 милијарди денари.“ – Христијан Мицкоски премиер.

Опозицијата пак е на став дека владата потфрли во сите делови од економијата. И по една година владеење, владата и натаму како виновник за пасивноста  ја посочува претходната власт, тоа е несериозно, велат од опозициската СДСМ. Во однос на капиталните инвестиции, од СДСМ велат дека резултатот е поразителен.

„Реализацијата на капиталните инвестиции на локално ниво има поразителен резултат од 3%, што ја покажува неспособноста на власта. ВМРО-ДПМНЕ имаше изјави дека секоја години од унгарскиот кредит во општините ќе одат 250 милиони евра. Во 2024 се дадени 80, сега ќе дадат 90 милиони евра. Значи 2024 и 2025 година нема да стаса до 250 милиони евра. Тоа се тие лаги кои ги даваше ВМРО-ДПМНЕ за време на кампањата и после неа.“ – СДСМ.

Секоја година како по навика, владата било да е водена од ВМРО-ДПМНЕ или пак од СДСМ ребалансот на буџетот го прави во месец јули. Први на удар секогаш се капиталните инвестиции, а тие според експертите се клучни за зголемување на нивото на економски раст. До моментов официјалните податоци велат дека десетина министерства имаат реализација на капитални инвестиции до 15 отсто.

За годинава се проектирани 768 милиони евра од буџетот токму за капитални инвестиции, а досега се реализирани само 14 отсто. Проблемот експертите го нотираат во преамбициозните проектирања на капиталните расходи, кои со ребалансите се кратат за речиси една третина и потоа на крајот на годината завршуваат со реализација од 80 до 90 отсто.