И покрај новите мерки на германската влада за ограничување на порастот на цените на горивата, цената на дизелот достигна рекордни 2.327 евра за литар, соопшти германскиот автоклуб ADAC, додека експертите предупредија на можно понатамошно зголемување на цените поради движењата на светскиот пазар на нафта и прекините во снабдувањето.

Како што објави германскиот автоклуб ADAC, просечната цена на литар дизел на национално ниво се искачи на 2.327 евра, што го надмина претходниот рекорд од март 2022 година за 0,6 центи, пренесува Tageschau.

Во исто време, бензинот е значително поскап, чија цена достигна 2.129 евра за литар, што е ново највисоко ниво оваа година.

ADAC ги оцени овие зголемувања на цените како несоодветни, посочувајќи дека цената на суровата нафта всушност паднала помеѓу 31 март и 1 април.

Од 1 април, германската влада воведе таканаречена „кочница за цената на горивото“, која предвидува бензинските пумпи да можат да ги зголемуваат цените не повеќе од еднаш дневно.

Сепак, според податоците од ADAC, веќе на првиот ден од имплементацијата, е забележано просечно зголемување на цената од речиси осум центи.

Експертите предупредуваат дека постојат стравувања дека нафтените компании воведуваат дополнителни маржи за да ги компензираат ограничувањата за одредување цени.

Според проценката на ADAC, новата мерка засега не придонесува за намалување на високото ниво на цени, поради што е упатен повик до властите да влијаат врз нафтените компании да покажат воздржаност.