Русија ќе продолжи да ја снабдува Индија со нафта со помош на „многу посебен механизам“, објави вршителот на должноста амбасадор на руската амбасада во Индија, Роман Бабушкин.

Бабушкин на прес-конференција во Њу Делхи изјави дека увозот на руска сурова нафта во Индија ќе остане на сегашното ниво, и покрај растечките трговски притисоци од Западот, објави Ројтерс.

Тој исто така објави дека претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе ја посети Индија и дека ќе се сретне со премиерот на таа земја, Нарендра Моди, до крајот на годината, иако точниот датум сè уште не е утврден.

Според руските претставници, руско-индиската трговска соработка се развива стабилно.

Заменик-трговскиот претставник на Русија во Индија, Евгениј Грива, изјави дека се очекува годишниот раст на билатералната трговија да биде околу 10 проценти, пренесува Танјуг.

Зголемувањето на индискиот увоз на руска нафта предизвика реакција од Соединетите Американски Држави, кои планираат да воведат дополнителна царина од 25 проценти на одредени индиски извозни производи на 28 август.

Како причина се наведува интензивирањето на увозот на руска сурова нафта по почетокот на војната во Украина.

САД не воведоа слични царини за Кина, иако и тие купуваат руска нафта. Покрај тоа, минатиот месец Европската Унија воведе санкции врз индиската рафинерија „Најара Енерџи“, која делумно е контролирана од руски интереси, што доведе до намалување на преработката на нафта и повлекување на одредени компании од соработката со оваа рафинерија, според Ројтерс.