Русија започна со изградба на својата прва нуклеарна централа во Казахстан, огромна централноазиска земја и најголем производител на ураниум во светот, каде што Кина треба да изгради уште две нуклеарни централи.
„Почнувањето на инженерските студии е фундаментален чекор од кој зависат безбедноста, сигурноста и профитабилноста на проектот“, се вели во соопштението.
Според заедничката изјава на казахстанската нуклеарна агенција и рускиот нуклеарен гигант Росатом, целта на работите е „избор на оптимална локација“ со дупчење на околу педесет истражувачки бунари и земање примероци од почвата, објави Бета.
Казахстан, поранешна советска република и сојузник на Москва, е водечки светски производител на ураниум (43 проценти) и трет најголем снабдувач на природен ураниум во Европската Унија, но има критичен недостиг на електрична енергија за домашна потрошувачка.
Иако Франција и Јужна Кореја, исто така, се пријавија за изградба на електрани, одлуката на Казахстан да ги избере Русија и Кина е логична бидејќи тие се соседни сили што Казахстан не може да ги игнорира.
Нуклеарното прашање е чувствително во Казахстан, каде што колективното сеќавање на 450 советски нуклеарни тестови спроведени на североистокот на земјата од 1949 до 1989 година изложи 1,5 милиони луѓе на зрачење.