Руската централна банка најави тужба против белгискиот финансиски депозитар „Euroclear“ пред Арбитражниот суд во Москва, поради замрзнувањето на државните средства и неможноста Русија да располага со сопствените пари и хартии од вредност.

Според соопштението од Москва, тужбата ја опфаќа не само блокираната главнина, туку и изгубената добивка која, според руската страна, ѝ припаѓа на државата, а во моментов завршува во билансите на европската финансиска индустрија.

„Euroclear“ е централниот депозитар со седиште во Брисел кој држи најголем дел од руските замрзнати девизни резерви во ЕУ – околу 185 милијарди евра од вкупно приближно 210 милијарди евра руски државни средства, што беа блокирани по инвазијата врз Украина во 2022 година. Од овие замрзнати средства, само преку камати и доноси, „Euroclear“ веќе остварува милијарди евра профит, а Белгија инкасира значителни даночни приходи, дел од кои се пренасочуваат како поддршка за Украина.

Тужбата доаѓа токму во момент кога Европската унија се подготвува да ја направи замрзнувачката мерка практично трајна. Наместо досегашното продолжување на санкциите на секои шест месеци, Брисел работи на одлука руските средства на Централната банка да останат блокирани „на неодредено време“. Со тоа се отвора пат дел од добивката и каматите од овие средства да се користат како основа за кредити за Украина во периодот 2026–2027 година, со план за заем од околу 160–165 милијарди евра кој би се сметал како аванс на идните воени репарации што Европа очекува Русија да ги плати.

Москва го нарекува овој план „кражба“ и грубо кршење на меѓународното право и принципот на суверен имунитет на државните средства. Централната банка јавно порача дека секој механизам – директен или индиректен – за користење на нејзините резерви без согласност на Русија е нелегален и најави правна офанзива во национални и меѓународни судови. Тужбата против „Euroclear“ е првиот чекор во таа стратегија: Москва сака да покаже дека не само ЕУ може да замрзнува и таргетира средства, туку и дека руската страна е подготвена да го користи сопствениот судски систем за притисок врз западните финансиски институции.